Илиевски: СДСМ повторно ќе го поднесе законот за минимална плата од 500 евра

Потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски, на денешната прес-конференција најави дека партијата повторно ќе го поднесе предлог-законот за зголемување на минималната плата на 500 евра.

Тој истакна дека ова не е само барање на синдикатите и работниците, туку неопходна мерка за олеснување на тешкиот живот на голем број македонски семејства.

„Економските податоци се поразителни, инфлацијата изнесува 4,8%, што значи дека граѓаните денес имаат помалку пари во џебовите и живеат потешко. Цените растат, платите стојат, а стандардот опаѓа“, рече Илиевски.

Тој посочи дека актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ не покажува интерес за подобрување на животниот стандард на граѓаните, туку се фокусира на бизнис интереси и лична корист. „Младите, пензионерите, работниците и земјоделците секојдневно се соочуваат со високи цени, ниски плати и неизвесна иднина. Владата нема ниту план, ниту економска политика, ниту волја да им помогне на луѓето“, нагласи Илиевски.

Тој ги критикуваше и луксузните трошоци на владини функционери, во време кога голем дел од населението се бори со основните животни потреби.

„СДСМ веќе еднаш го поднесе законот за зголемување на минималната плата, но ВМРО-ДПМНЕ го одби. Ние нема да се откажеме. Повторно ќе го предложиме овој закон, затоа што тоа е борба за достоинствен живот и фер плати“, изјави Илиевски.

Тој повика на одговорност од пратениците и порача дека СДСМ ќе остане гласот на работниците и на сите граѓани, и дека борбата за минимална плата од 500 евра ќе продолжи.

Зачлени се на нашиот е-билтен