Хибридните закани со кои земјава се соочува во изминатиот период биле една од темите на разговор на денешниот состанок на експертско ниво на НАТО делегацијата предводена од заменик-помошникот генерален секретар за новите безбедносни предизвици, Џејмс Апатураи, со претставници на Советот за координација на безбедносно – разузнавачката заедница како и членовите на Оперативниот тим на Советот.
Како што соопшти владината прес-служба, Даниела Илиоска секретар на Советот за координација на безбедносно – разузнавачката заедница.-која е домаќин на НАТО делегацијата предводена од Апатураи, изрази задоволство за можноста да разговаарт одблиску за хибридните закани и напади со кои се соочуваме како земја изминатиов период.
-Би сакала пред се да започнам со најважната информација, а тоа е дека граѓаните се безбедни и безбедносната ситуација е стабилна. Се соочуваме со интензивен хибриден напад чија цел е да внесе вознемирување, страв, паника и хаос кај граѓаните, изјави Илиоска
Апатураи истакна дека Северна Македонија како НАТО членка ја има поддршката во справувањето со хибридните закани.
-Северна Македонија се справува со намерен, издржан и циничен хибриден напад. Но како НАТО членка, не се справува со овој предизвик сама, туку е член на семејство на демократии кои стојат заедно и се поддржуваат едни со други. Имам пофалби за Владата на Северна Македонија за чекорите што ги презеде за одбрана и градење отпорност од овие сајбер и хибридни напади, изјави заменик- помошникот генерален секретар за нови безбедносни предизвици Апатураи.
Тој нагласи дека НАТО и индивидуалните сојузници веќе споделуваат информации и овозможуваат техничка поддршка.
-За време на мојата посета дискутиравме за идните чекори кои можат да бидат преземени за да се засили сајбер безбедноста на земјата и да се зајакнат механизмите за ефективна владина акција, нагласи Апатураи.
Секретарот Илиоска, овие закани ни доаѓаат со разгорувањето на воената агресија на Русија врз Украина и тие се комбинација на странски и домашни актери.
-Ова е случај и во другите земји од регионот и на други НАТО членки. Сите земји од слободниот свет се соочуваат со зголемен интензитет на хибридни закани. Меѓународно соработуваме со сите партнерски безбедносни организации и институции, од првиот ден и првата закана. Денеска имаме на гости и експертски тим на НАТО кој е тука за да ја продлабочиме таа соработка, рече Илиоска.
Таа, како што стои во соопштението упати голема благодарност до НАТО за целата поддршка која ни ја дава и за надминување на актуелната состојба, но и за долгорочното градење на отпорност на Северна Македонија во справувањето со хибридните закани и напади.