Неколку илјади граѓани и денеска излегоа на протест, носејќи транспаренти на кои бараат одговорност за трагичниот настан што се случи пред неколку дена во Скопје. На протестот, кој започна пред Универзалната сала, присутните се собраа за да го изразат својот револт поради прегазувањето на Фросина Кулакова од Неготино од страна на Васил Јованов.
На транспарентите може да се прочитаат пораки како „Безбедноста е право, не луксуз“, „Улиците не се тркачки патеки“, и „Судии ослободете ја правдата“, кои ја изразуваат загриженоста на граѓаните за безбедноста на улиците и правдата во овој случај.
Маршот го предводат родителите и сестрата на Фросина, додека присутните носат црни маички со натпис „Правда за Фросина“. Маршот ќе премине низ Универзалната сала, Собранието, Основното јавно обвинителство и ќе заврши пред Кривичниот суд, каде учесниците ќе ја испратат својата порака до институциите и ќе бараат одговорност за трагедијата.