Има ли скриена агенда на релацијата Лондон-Скопје? Од разговори за размена на информации до мигрантски кампови

Лондон-Скопје

Интернет истражувањето за тоа како првичните разговори за размена на безбедносни информации за мигрантите долж балканската рута открива открива така форматираната соработка еволуираше во експлозивна приказна која неколку дена доминира во македонската јавност. Таа приказна отиде до таму, угледниот британски „Тајм“, повикувајќи се на владини извори, да објави дека британскиот премиерт Стаrмер постигнал договор со македонската влада за градење на бегалски кампови во замена за британскиот кредит кој и беше ставен на располагање на Македонија.

Иако премиерот Мицкоски со „индигнација“, како што рече тој, отфрли дека со британската влада се разговарало за „мигрантски кампови“, медиумските траги за еволуцијата на оваа тема откриваат прашањето за решение проблемот со мигрантите, Лондон го туркал и го развивал повеќе од година дена наназад.

Како разговорите за размена на информации се претворија во договор за мигрантски кампови?

Првиот запис кој го најавува ова прашање е оној од ноември минатата година. Според Европски совет за бегалци и протерани (ECRE), Велика Британија потпишаla договори со три земји од Западен Балкан како дел од своите напори за справување со бандите што шверцуваат луѓе. Премиерот Кир Стармер ги објави договорите, кои имаат за цел зголемување на размената на разузнавачки информации, експертизата и соработката со Косово, Северна Македонија и Србија, за време на состанокот на Европската политичка заедница што се одржа на 7 ноември во Будимпешта.

Според соопштението за медиумите на британската владата, речиси 100.000 луѓе транзитирале низ Западен Балкан во 2023 година, што го прави „клучен пат што го користат оние што нелегално завршуваат во ЕУ или Велика Британија“.

Темата продолжи да се провлекува во британските медиуми, но и кај нас, со почетокот на новата, 2025 година, за да го доживее првиот пик во текот на пролетта, во март.

Додека Мицкоски се фали дека постигнал договор за стратешко парнтерство со Велика Британија, „Дејли Мејл“ ја посочува како земја за мигрантски кампови

Британските медиуми објавуваат за мигрантски кампови, Мицкоски отфрлаше таква можност

Тогаш британските медиуми објавија дека Лабуристите разгледуваат планови за депортирање на одбиени баратели на азил на БАЛКАНОТ и нивно затворање во „центри за враќање“ – бидејќи бројот на мигранти што го преминуваат Ламаншот достигна 5.000 оваа година

Беше посочено дека барателите на азил би можеле да бидат испратени во „центри за враќање“ во Западен Балкан – во земји како што се Албанија, Србија, Босна и Северна Македонија, откако нивните барања за азил ќе бидат одбиени.

Уште повеќе, беше откриено дека плановите, што ги изготвува британската владата, како дел од пристапот на Сер Кир Стармер за спречување на пристигнувањата на мали чамци, предвидуваат Велика Британија да им плаќа на земјите за секое прифатено лице.

Изгледите за центри за враќање беа зајакнати, пишуваа медиумите во Обединетото Кралство, откако тие добија поддршка од Меѓународната организација за миграција на ОН.

Уште тогаш, во март оваа година, британски владини извори изјавија за „Тајмс“: „Разгледуваме најширок можен сет опции со целосно отворен ум. Секоја шема што би ја разгледале секогаш би требало да го исполни тестот за прифатлива, функционална и легална.“

Милијардите од Велика Британија и мигрантските коридори

Темата за „центри за враќање“ исплива на површина во мај оваа година. Прво дојде преку Тирана од самитот ЕУ- Западен Балкан, кога Мицкоски преку Фејсбук порача, дека средбата што ја остварил со британскиот премиер, Кир Стармер е „Историски ден за Македонија“, бидејќи била постигната согланост за договор за стратешко партнерство на Македонија со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

И додека Мицкоски преферира позитивни зборови за Договоро, со Велика Британија, британскиот „Дејли Мејл“ објави дека албанскиот премиер Еди Рама го одбил британскиот премиер Кир Стармер за градење на камп за мигранти, односно лица кои Велика Британија ги одбила за азил или сака да ги депортира.

Стармер тогаш одби да ги именува можните земји кои би ги прифатиле мигрантите од Обединетото Кралство, но Дејли Мејл ги споменува Србија, Босна и Македонија.

Интересна е реченицата од написот на Дејли Мејл каде што се наведува дека Стармер “детали за овој договор со Македонија ќе даде кога за тоа ќе дојде време“.

Времето се забрза малку па во октомври британски Индепендент го спакува самитот со лидерите на Западен Балкан, во рамките на Берлинскиот процес.

Индепендент напиша: Сер Кир Стармер ќе биде домаќин на лидерите од Западен Балкан на самит во Лондон, додека Велика Британија се обидува да договори понатамошни мерки за намалување на бројот на мигранти што пристигнуваат нелегално.

Овој медиум го објасни и контекстот: Велика Британија веќе работи со партнери во регионот – составени од Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово – како дел од ветувањето на Лабуристите да се насочат кон бандите за шверц и да го намалат бројот на пристигнувања со мали чамци преку Ламанш.

Премиерот потврди претходно оваа година, посочи Индепендент, дека разговарал со земјите (од Западен Балкан) за можноста тие да бидат „домаќини“ на таканаречени центри за враќање каде што Велика Британија би можела да ги испрати одбиените баратели на азил пред да бидат депортирани.

Исклучително интересен и индикативене разговорот на Еди Рама и Милојко Спајиќ, премиерот на Црна Гора кои нагласија дека нивните земји нема да бидат домаќини на вакви центри на настанот во Чатам Хаус.

„Кога станува збор за центрите, или како и да се нарекуваат, го кажав тоа и повторувам – никогаш во Албанија“, рече албанскиот премиер Еди Рама.

Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ рече дека неговата земја не е дел од мигрантската рута низ Западен Балкан бидејќи железничката инфраструктура не е доволно развиена.

„Црна Гора не е дел од мигрантските рути низ Балканот“, рече тој.

Рама го праша дали би бил домаќин на центар доколку Велика Британија изгради железници во неговата земја, на што тој одговори: „Дефинитивно го прифаќаме тоа, доколку тие инвестираат 10 милијарди евра во изградба на железници“.

Тогаш Индепендент пренесе дека премиерот Стармер потврдил дека „посветеноста на Велика Британија кон мирот и безбедноста на Западен Балкан е непоколеблива.

„Тесната соработка со нашите партнери на Западен Балкан е од витално значење, не само за регионалната стабилност, туку и за обезбедување безбедност тука дома.“

Понатаму, како што веќе оценивме погоре, темата експлодираше кај нас со почетокот на декември кога лоноднски „Тајмс“ објави текст со наслов „Failed Asylum seekers could be deported to North Macedonia“.

Во овој текст се наведува дека разговорите меѓу Лондон и Скопје започнале есенва, како дел од поширока група преговори што Британија ги води со неколку држави од Западен Балкан и други региони. Според „Тајмс“, мерките се претставени како дел од стратегијата на премиерот Стармер да го обесхрабри опасното преминување на Ламанш со мали чамци – криза за која официјален Лондон признава дека засега нема „ефективно средство за одвраќање“.

Другите британски медиуми отворија дебати околу ова прашање, а некои од нив открија и други детали. Медиумот „Сан“, на пример, на 5 декември го цитираше Стармер кој ги нарекол центрите за враќање „навистина важна иновација“.

Уште еден детал открива колку Лондон навлегол во подготовките околу ова прашање. „Сан“ пишува дека „Сер Кир (Стармер) ги таргетира земјите од Западен Балкан, кои имаат помала веројатност да предизвикаат долги правни предизвици и веќе се потпишани на Европската конвенција за човекови права“ и дека „нивната позиција по должината на клучен миграциски пат ги прави и стратешки партнери“.

Целата оваа генеза на развој на темата за мигрантите и улогата на Северна Македонија во стратегијата за справување на Велика Британија со ова прашање има премногу индиции кои укажуваат дека сепак има детали кои со право го предизвикаа вниманието на јавноста во Македонија.

Истражуваше: Зоран Бојаровски

Зачлени се на нашиот е-билтен