Додека Владата заради својата „агенда“ тотално го успори евроинтегративниот процес, многу е важно тоа да не влијае на искористувањето на придобивките од Планот за раст. Реформите да се забрзаат и се да покажат конкретни резултати за да се надмине заморот од должината на процесот. Ние имаме интерес од членство во Унијата, а ЕУ има интерес од стабилен и европеизиран Западен Балкан. Трпеливоста веројатно ќе трае до првиот посериозен предизвик и до некој нов надворешен притисок. Се разбира, трпеливоста може да трае и до следниот извештај за напредокот и со запирањето на средствата од Планот за раст.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Со промената на власта во 2024 година, процесот за евроинтеграција на Северна Македонија успори. Новата Влада, како што ветуваше пред изборите и за време на изборната кампања не ги стави на деневен ред во Собранието уставните измени кои се предуслов преговорите да продолжат со отворање на поглавјата откако скринигот успешно се заврши/
Повеќемина од аналитичарите гледаат контрадикторности во ставовите на Владата. Од една страна нема ништо против внесувањето на Бугарите во Уставот, а од друга инсистираат дека евроинтегративниот процес е жртва на билатерален спор и дека нема гаранција дека од Софија ќе нема други услови.
Контрадикторности, перспективи и ризици
Андреја Стојковски од Институтот Преспа вели дека кога се разгледуваат ставовите на Владата за внесувањето на Бугарите во Уставот, можни се две перспективи.
„Првата е дека станува збор за контрадикторност – Владата, од една страна, изразува подготвеност за оваа иницијатива, но од друга страна, инсистира на тоа дека прашањето е дел од билатерален спор со Бугарија, при што, за Владата, инсистира на гаранции дека нема да следуваат нови барања од Софија“, вели Стојковски.
За втората Стојковски истакнува дека можеби станува збор за прагматичен пристап кој има за цел да ги разграничи уставните амандмани од Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија.
„Со ова, Владата можеби сака да покаже дека е конструктивен партнер за Европската Унија, кој се стреми кон европската интеграција, но истовремено да го искаже своето несогласување со билатерализацијата на процесот на проширување. Иако овој пристап може да биде оправдан од стратешка гледна точка, тој е истовремено многу ризичен и може скапо да нé чини како држава“, предупредува Стојковски. „Никогаш нема да има гаранции за спречување на билатерализацијата на проширувањето. Учеството во одлучувањето е прерогатив на државите членки на ЕУ, а можноста за блокада секогаш ќе постои, дури и кога ќе биде оправдана со политики кои отстапуваат од европските вредности“.

Во врска со оваа перспектива, Стојковски објаснува дека „ако ова е стратегијата на Владата, мора да имаат предвид дека обидот за разграничување меѓу пристапувањето и добрососедството нема да биде можен без согласност од Европскиот совет, чии заклучоци јасно ги третираат Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство како клучни.
„Сѐ до промената на Основачките договори, консензусот ќе остане принцип и правило, што значи дека секој обид за избегнување на билатералните прашања во процесот на проширување е однапред осуден на неуспех“, укажува Стојковски.
На овој ризик во измиманите 6 месеци имаше укажувања и од највисоки претставници на европските институции.
„Отворањето на кластерот фундаментални вредности од македонските преговори со Европската Унија е на само чекор до вас, само уште да се донесат уставните измени на кои што Северна Македонија се согласи дека ќе ги направи“.
Оваа порака од Брисел во Скопје ја донесе претседателката на Европската Комисија Урсула Фон дер Лајен во октомври оваа година. Таа посочи дека целта е јасна, да се отвори кластерот од преговорите што е можно побрзо.
Уште подиректна порака Владата доби и од новата еврокомесарка Марта Кос, која во идните пет години ќе го води комесаријатот за проширување.
„Да, ние очекуваме Северна Македонија да го смени Уставот, бидејќи тоа е нешто на што сметаме, ништо помалку, ништо повеќе и сигурна сум дека тоа може да се направи. Тогаш можеме навистина многу брзо да напредуваме“.
Андреја Стојковски од Институтот Преспа предупредува дека „со оддолжувањето на процесот и одложувањето на пристапувањето, Македонија губи пристап до клучни средства, пазари и можности“.
„Ова директно влијае на економскиот раст и истовремено придонесува за засилени миграции и ‘одлив на мозоци’. Ваквата состојба не само што го слабее економскиот и социјалниот капацитет на државата, туку и не оддалечува од постигнувањето на европските стандарди“, истакна во разговорот за Рацин.мк Андреја Стојковски.
Кацарска: Добро е што реформите продолжија и покрај промената на влата
На важноста на континуитетот на реформите укажува и Симонида Кацарска, директорка на Институтот за еропски политики и дека е „добро што од аспект на нашите евроинтеграции оваа година ќе биде обележана од активностите за Планот за раст и Реформските агенди како дополнителен инструмент на ЕУ за поддршка на реформите во Западниот Балкан“.

„За поздравување беше што нашата држава не заостана во овој процес покрај промената на власта. Од аспект на формалниот напредок во преговорите другите јасно е дека Црна Гора и Албанија се сега предводници на регионот со најмногу политичка поддршка за остварување на целта за членство до или пак и пред 2030 година. За да не заостанеме зад нив, потребно е да се креира јасна стратегија на Владата за преостанатите обврски како што се уставните измени, но и да се работи со сите држави членки во позитивен дух, што не беше секогаш случај во изминатата“, порачува Кацарска.
Брисел е главно трпелив, но не безгранично
Третиот аспект доаѓа од последниот ЕУ-ЗБ самит од кој е јасно дека Брисел ќе настојува на европеизација на регионот и на Македонија со Планот за раст и дека проширувањето е приоритет, но прашањето е до кога ќе трае таа трпеливост.
Самитот ЕУ-Западен Балкан и Планот за раст се јасен сигнал дека ЕУ го гледа проширувањето како приоритет, вели Андреја Стојковски од Институтот Преспа, и дека е подготвена да инвестира во структурните реформи и интеграцијата на регионот.
„Сепак, историјата на проширувањето покажува дека поддршката од Брисел е силна кога државите покажуваат јасен и континуиран напредок. Брисел е главно трпелив партнер. Пред сѐ, бидејќи нема надворешни притисоци. Но, тоа овој пат не е случај, а трпеливоста нема да биде неограничена. Во услови на глобални предизвици, како војната во Украина, економските турбуленции и внатрешните прашања на Унијата, ЕУ ќе продолжи да бара повеќе и конкретни резултати, како и посветеност и постојаност од државите кандидати“, посочува Стојковски.
За Македонија, ова значи дека мора да го искористи Планот за раст како можност да ги забрза реформите, да покаже конкретни резултати и да го надмине заморот од должината на процесот. Ние имаме интерес од членство во Унијата, а ЕУ има интерес од стабилен и европеизиран Западен Балкан. Трпеливоста веројатно ќе трае до првиот посериозен предизвик и до некој нов надворешен притисок. Се разбира, трпеливоста може да трае и до следниот извештај за напредокот и со запирањето на средствата од Планот за раст.
Тоа не е исклучено, доколку во владата не се најде „часовничар“ за да ги усогласи евоинтеграциите со часовникот на Брисел.