Љубовта кон животните е најчестата причина зошто младите избираат студии по ветеринарна медицина, но студентите велат – тоа не е доволно. За да се биде добар ветеринар, потребна е длабока посветеност, постојана едукација и желба да се помага и таму каде што другите не гледаат проблем.
Ина Георгиев, студентка по Ветеринарна медицина, уште од мала била опкружена со животни, но вели дека нејзината страст се рептилите и змиите – животни за кои во Македонија речиси и да нема соодветна нега.
„Моја желба беше да се насочам кон специјалност која кај нас не е толку развиена. Имам змии уште од кога имав десет години, најстарата има дванаесет. Но кога ќе се разболат, многу е тешко да најдеш ветеринар што знае да се грижи за нив,“ вели Ина.

Нејзината колешка Теодора Крстевска растела во дом полн со животни. Токму времето поминато со баба ѝ и дедо ѝ и нивниот двор полн со кучиња, мачки и птици ја поттикнало да го избере овој факултет.
„Сакам да бидам гласот на тие што не можат да зборуваат,“ вели Теодора, која во иднина сака да се специјализира во областа на птиците, особено екзотични и грабливи видови.
„Имаме уникатни птици во Македонија, како египетскиот мршојадец, кои се клучни за еко-системот. Тие помагаат во природната контрола на глодарите – многу поефикасно и побезбедно од користењето на родентициди,“ додава таа.
Во Македонија постојат 16 видови змии, од кои само три се отровни – сите од родот випера. Најпозната е посокот – змиско видливо по рогот на челото. Но, според Ина, не треба да се шири паника.
„Само еден смртен случај е забележан оваа година, и тоа веројатно поради алергиска реакција. Многу повеќе луѓе годишно умираат од убоди на пчели отколку од каснување од змија. Повеќето змии во урбаните средини се безопасни, како жолтиот смок,“ вели Ина.

Студентките велат дека студиите не се лесни. Паралелно со теоријата, имаат и многу пракса – во клиники, на фарми, во лаборатории. Според нив, комбинацијата е неопходна.
„Теоријата без пракса е слепа, а праксата без теорија е глува,“ вели Теодора, споделувајќи едно слатко искуство од вежбите, кога откриле дека мачка која се однесувала чудно всушност била бремена.
Студентите имаат и можности за летни пракси во странство, еразмус програми, па дури и стипендии. Но најважна е волјата за учење.
„Љубовта кон животните не е доволна. Сите ги сакаме животните. Но важно е да се сака да се учи – ова е факултет со многу материјал и сериозна посветеност,“ порачуваат идните ветеринари.