Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Имаше ли некаков ефект новогодишната кошничка – Инфлацијата е над 10 посто, а трошоците за живот пораснале за 391 денар

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, денеска објави дека синдикалната минимална кошничка за јануари 2025 година изнесува 63.252 денари, што е зголемување од 391 денар во однос на декември 2024 година. На прес-конференцијата, тој нагласи дека само делот за храна и пијалоци од кошничката бележи раст од 123 денари за 63-те основни производи.

Трендафилов оцени дека реалната инфлација во Македонија е над 10%, значително повисока од официјалната стапка од 3,5%. Според него, цените на производите фиктивно се намалуваат, додека трговците се богатат на сметка на граѓаните.

– „Трговците се алчни и го користат секој момент за дополнително збогатување. Она што сега го ветуваат, дека ќе ги задржат цените на основните производи, е само мамка за да избегнат намалување на цените кои веќе паѓаат на светските берзи. На пример, цената на житните култури минатата година е намалена за 13,6%, а кај нас лебот поевтини само за еден денар – од 33 на 32 денари. Нема никакви намалувања кај брашното, тестенините, зејтинот, млекото и другите основни производи,“ истакна Трендафилов.

Претседателот на ССМ го критикуваше и ефектот од мерката „Новогодишна кошничка“, оценувајќи дека немало вистинско намалување на цените на околу 1.000 производи.

– „Во следниот период ССМ ќе преземе поостри мерки за да ги информира граѓаните што е добро, а што е лошо. Трговците се лош пример за македонската економија, ако знаеме дека минатата година имаа рекордни добивки и профити. Ќе ги објавиме сите завршни сметки на големите синџири маркети и ќе ги презентираме на јавноста,“ порача Трендафилов.

ССМ најавува дека ќе продолжи со притисокот врз трговците и ќе бара поголема транспарентност и намалување на цените, особено во услови кога македонските граѓани се соочуваат со висок трошок на живот.

Зачлени се на нашиот е-билтен