Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) треба да изврши измени во Правилата за снабдување со електрична енергија и да воведе задолжително месечно отчитување на броилата, бараат Инженери на Република Македонија (ИНРМ).
Од ИНРМ потсетуваат дека со воведувањето на блок-тарифите на 1 јули 2022 година, РКЕ го промени начинот на отчитување, преминувајќи од годишно на квартално читање на броилата. Оваа измена беше резултат на поплаки од потрошувачите за паушално фактурирање кое не соодветствува со реалната потрошувачка.
– РКЕ има обврска да обезбеди фер наплата според реалната потрошувачка. Отчитувањето мора да се врши месечно, како што важи за сите останати категории во Тарифниот систем за дистрибуција. Продажбата на дистрибутивната мрежа на EVN беше мотивирана од потребата за модернизација и инвестиции, вклучувајќи воведување дигитални броила со автоматско и далечинско отчитување. Ова требаше да гарантира месечно фактурирање според вистинската потрошувачка, намалување на грешките и подобрување на наплатата. Затоа, РКЕ треба да ги измени правилата и да воведе задолжително месечно отчитување – се вели во соопштението.