Инженери на Македонија бараат објаснување од ЕВН како ја формираат цената на струјата

Инженери на Република Северна Македонија со соопштение до медиумите известија дека упатиле „Барање за доставување на податоци согласно Тарифниот систем за продажба на електрична енергија до компанијата ЕВН ХОМЕ ДОО Скопје, како универзален снабдувач со електрична енергија“.

Од здружението истакнуваат дека во согласност со Тарифниот систем бр. 01-2437/1 од 17.11.2023 година, побаравме од ЕВН доставување на низа информации од суштинско значење за транспарентноста на процесот на формирање на цените на електричната енергија, меѓу кои се:

  • Финансиски извештаи и бруто биланси за 2023 и 2024 година,
  • Податоци за набавена и планирана електрична енергија за 2023, 2024 и 2025 година,
  • Број на домаќинства и мали потрошувачи, како и нивната потрошувачка во последните 12 месеци,
  • Локации на веб страните од јавно објавените предлог-одлуки и мислења од јавноста,
  • Објаснување за математичките методи за формирање на цените и применетите коефициенти.

Ова барање е поднесено поради сомневања за можни несогласувања во објавените цени и коефициенти при формирањето на цената на електричната енергија, за кои е потребно детално образложение и транспарентна проверка. Целта е да се обезбеди јавно одговорно и отчетно управување со процесот на одредувањето на цената, што е од исклучителен јавен интерес.

Инженери на Република Северна Македонија, очекуваат целосен одговор во рок од пет дена, идентично како роковите што се пропишано со Тарифниот систем при прибирањето на мислења и предлози од јавноста во врска со Предлог одлуките за цените кои ги носи универзалниот снабдувач ЕВН.

Зачлени се на нашиот е-билтен