На 55та седница на Собранието во тишина се усвоени измените на новиот Закон за енергетика, со кои се наговестува сериозен ризик од фаворизирање на поединечни инвеститори на сметка на јавниот интерес и транспарентноста, реагираат од здружението Инженери на Македонија.
За нив главната дилема што произлегува од измените е: Дали се менува законот за да се овозможи побрзо и поефикасно инвестирање, или измените се за да се протуркаат веќе подготвени проекти пред да стапат на сила построгите технички критериуми предвидени со Законот за енергетика?
Тие укажуваат на на неколку членови од законот со кои се воведуваат формулации што го поедноставуваат процесот на изградба на енергетски објекти, така што наместо класично одобрение за градење, сега ќе биде доволно и „решение за поставување на опрема“. Истовремено, обврската за инсталирање на складишта за електрична енергија која е клучна за балансирање на мрежата, поради евидентните испади изминатите денови, се укинува за одредени категории на производители, посочуваат инженерите.
За нив најконтроверзна е одредбата со која техничкото ограничување за приклучување на нови електроцентрали на дистрибутивниот систем (лимит од 80% од капацитет на трафостаници и максимум 10 MW по објект) ќе почне да важи дури осум месеци по влегувањето на законот во сила. Со тоа, на постоечките актери кои се блиску до финализирање на постапките им се овозможува прозорец за влез во системот без конкуренција и без дополнителни услови, предупредуваат од Инженери на Македонија.
Ваквите промени се типичен сигнал за т.н. “законски скроени поправки” кои се носат за конкретни повластени компании, или групации кои веќе имале подготвена документација и точно знаеле за ваквите законски олеснувања. Ова може да претставува сигнал за реакција кај Државната комисија за спречување на корупција, истакнуваа инженерите.
Доколку ваквите измени останат без институционален надзор и ревизија, се поставува прашањето: колку новиот Закон за енергетика, усвоен пред само неколку месеци со 61 амандман, навистина е темел за правичен и одржлив развој и колку е само легален инструмент за старите играчи, прашуваат од таму.
Инженери на Македонија оценуваат дека измените најмногу одат во прилог на инвеститори што се веќе „во игра“ и имаат документи блиску до поднесување. Најголемите губитници се малите и нови инвеститори, како и граѓаните кои не добиваат ништо во делот на учество, транспарентност или заштита, сметаат Инеженери на Македонија.