Серијата статуси на Драган Павловиќ Латас против новинарките на ИРЛ, Сашка Цветковска и Деница Чадиковска, проследени со нивни фотографии, не се само говор на омраза – тоа е јасен обид за заплашување, велат тие во редакцискиот коментар.
-Наводите дека новинарите на ИРЛ користат „криминални средства“ од УСАИД се само параван. Вистинската причина за оваа кампања е обидот да се спречи истражувањето на ИРЛ за правосудниот систем. За многумина, влогот е голем – а за Латас, тоа би можела да биде и неговата слобода, се вели во нивната објава.
тие посочуваат дека на 25 февруари, во рок од четири часа, Латас објави серија статуси на Фејсбук и Икс, во кои директно ги таргетираше новинарите на ИРЛ, поттикнувајќи омраза и повици за линч и сексуално насилство.
-Како долгогодишен уредник и јавна личност, Латас добро знае дека ваквите објави носат последици. Сепак, тој намерно ги користи своето влијание и платформи за поттикнување насилство врз жени новинари. Прашањето е – зошто? Ова не е првпат Латас да напаѓа новинари кои истражуваат корупција и злоупотреба на моќ. Слични хајки се водеа и против ИРЛ во пресрет на истражувањето за пожарот во модуларната болница во Тетово. Тогаш, поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев се обиде да ја дискредитира редакцијата со лажни наводи. Сега, со нападите врз ИРЛ, Латас се обидува да го спречи објавувањето на новото истражување кое разоткрива длабока медиумско-обвинителска мрежа, преку која со години се „гаселе“ судски случаи за милионски злоупотреби на државниот буџет, пишуваат тие во редакцискиот коментар.
Како што додаваат Латас со децении брани политичари и олигарси, а го игнорира секојдневниот живот на обичните граѓани.
-Тој не е храбар патриот, туку дел од систем кој профитира од корупцијата. Македонското општество е длабоко поделено, а луѓе како Латас ја одржуваат оваа поларизација за да ги заштитат своите интереси. Системот во кој тој уживаше финансиски привилегии сега се разнишува. Затоа, Латас не смее да биде моралниот судија на општеството. Неговите обиди за дискредитација се последни обиди да спаси дел од некогашното влијание и да избегне одговорност. Но, јавноста не смее да наседне на оваа пропаганда – вистината веќе излегува на виделина, велат од ИРЛ.