Одгледувачите на овци бараат поддршка од ресорното министерство поради лошата состојба со годинешниот откуп на јагнето. Велат дека цената се движи од 200 до 230 денари за килограм, што е многу ниска цена и неисплатливо за нив.
Еден од нив е и сточарот Исмаил Текешаноски од Канатларци – Прилепско. Тој, заедно со неговото семејство одгледуваат 300 грла овци.
-Состојбата со откупот на јагнето е катастрофална. Цената е многу ниска и воопшто не се исплати да ги чуваме овците. Ние цело семејство, заедно со децата сме ангажирани околу овците, а со парите што ги земавме оваа година од јагнето само храна што треба да купиме за нив. Имам уште 90 јагниња за продавање, денеска дадовме 170 по мизерна цена од 210 денари – изјави за Агротим, Текешаноски.
Неговиот револт и разочарување е најмногу поради тоа што цело семејство, и малите деца се вклучени во одгледувањето на овците, а нема никаков бенефит од тоа.
-Сите сме ангажирани околу овците, сопствена земја немаме па работиме под кирија од други за да произведеме добиточна храна. Работиме, се мачиме, а најмногу ми е криво за децата што на 12 години помагаат и тие, ама за џабе, не се исплати. Вака како што е цената на јагнето ниска, ако продолжи овца нема да остане, а не да планираме да го прошируваме стадото – вели Текешаноски.
Освен за ниската цена на јагнето, тој се пожали и на нередовните субвенции и моделот според кој мора 50% од јагнињата да се дадат во кланица за да се добијат субвенциите.
Што се однесува до производството на млеко, го предаваат во Млекарата „Здравје Радово“ и се задоволни од соработката.
-Имаме свој лактофризер дома, млекото го даваме во Млекарата Здравје Радово, задоволни сме од соработката, навреме пуштаат пари и досега не сме имале никаков проблем – вели Текешаноски.
Овчарството кај нас последните години бележи надолен тренд. Се помалку млади луѓе се одлучуваат да се занимаваат со овчарство поради специфичноста на работата, немањето доволно овчари, нередовните субвенции, а последниве години и со ниската откупна цена на јагнето.
Нивниот апел за помош од државата да се зачуваат стадата мора сериозно да се сфати од страна на надлежните инситуции. Овде се работи за обезбедувањето на основната егзистенција за живот на цели семејства кои одлучиле да останат во селата и да се занимаваат со земјоделско и сточарско производство. Тоа е крајно добро за целата држава, за домашното производство на храна, за намалување на зависноста од увоз…
Прекрасното младо семејство Текешаноски заслужува да има достоен и убав живот со својата работа. Како впрочем и многу други земјоделски семејства во оваа држава.