На свечената седница во Владата по повод 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, најави засилување на користењето на јазиците во администрацијата и јавниот живот, како и носење закон за правична застапеност.
Вицепремиерот ја оцени годинава како најуспешна во поглед на вработувања во администрацијата од независноста на државата.
„Охридскиот договор не е само историско сеќавање, туку жив процес што треба да се преточи во правични закони и инклузивни институции“, изјави Меџити, додавајќи дека вистинска демократија нема без доверба и еднаквост.
Тој го критикуваше „половичниот“ закон за употреба на јазиците и укинувањето на механизмот на балансерот од страна на Уставниот суд, нагласувајќи дека судот треба да биде гарант на уставната еднаквост и заштитник на темелните политички договори.
Меџити порача дека Владата вложува напори за јакнење на албанскиот јазик во институциите, и покрај тоа што актуелниот закон е оспорен. Според него, во образованието и културата се спроведуваат инклузивни политики кои го одразуваат општествениот мозаик и овозможуваат зачувување на идентитетот на сите заедници.