Историски успех: Во „Аџибадем Систина“ првпат во Македонија изведена комплексна ендоваскуларна интервенција на торакалната аорта

Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ за првпат во земјава е изведена комплексна ендоваскуларна процедура на торакалната аорта – ТЕВАР со т.н. in situ фенестрација на левата потклучна артерија кај пациент со постдисекциска аневризма на десцендентната торакална аорта.

Аортните заболувања се меѓу најчестите кардиоваскуларни состојби денес, а ендоваскуларниот пристап претставува современ „златен стандард“ во нивниот третман. Според д-р Никола Лазовски, специјалист по васкуларна хирургија, стандардните ендоваскуларни процедури одамна се дел од редовната практика, но ваквите комплексни интервенции се поретки и технички многу посложени, со значително поголема добивка за пациентите и здравствениот систем.

„При интервенцијата беше поставен стент на заболениот дел од аортата, при што намерно беше покриен излезот на левата потклучна артерија за да се постигне стабилност. Потоа, преку артеријата на левата рака, со специјален инструмент се направи отвор на стентот и се постави нов, кој овозможува нормален проток на крв. На тој начин пациентот избегна дополнителна операција на вратните крвни садови, двојна анестезија и губење на крв, а времето за опоравување беше значително скратено“, објаснува д-р Лазовски, додавајќи дека интервенцијата поминала успешно и дека пациентот бил пуштен на домашно лекување само два дена подоцна.

Процедурата бара високо координиран тим на специјалисти и медицински персонал обучен за ендоваскуларни и хибридни операции. Интервенцијата ја спроведе тимот на кардиоваскуларни лекари од „Аџибадем Систина“, предводен од д-р Никола Лазовски (васкуларен хирург) и доц. д-р Александар Ѓорески (интервентен радиолог), во соработка со доц. д-р Менка Лазареска, д-р Димитар Јосифовски, д-р Лихнида Матевска, сестра Ирена Апостолов, сестра Зорица Урдаревиќ и радиолошкиот технолог Дарко Марковиќ.

Според д-р Лазовски, ова е почеток на воведување на вакви напредни аортни интервенции како редовна практика во болницата. „Овие процедури носат значајна придобивка за пациентите – побезбедни се, со помала траума и побрзо враќање во нормален живот,“ истакнува тој.

Зачлени се на нашиот е-билтен