Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Истовремена реконструкција на КАРИЛ и ГОБ „8 Септември“ – Што ќе прават пациентите?

Во исто време започнуваат реновирањата на две од најважните болници за интензивна нега во државата – Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) и Градската општа болница „8 Септември“. Оваа паралелна реконструкција наметнува сериозни прашања за капацитетот на здравствениот систем и за тоа како ќе се згрижат пациентите во периодот додека овие установи не функционираат со полн капацитет.

Според Министерството за здравство, сите пациенти кои вообичаено би биле примени на КАРИЛ ќе бидат пренасочени во ГОБ „8 Септември“, Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ и Клиниката за неврохирургија. Меѓутоа, истовремено се најавува и големо реновирање на ГОБ „8 Септември“, што значи дека оваа болница исто така ќе работи со ограничени капацитети.

-Во ГОБ „8 Септември“ ќе биде опфатен оперативниот блок со површина од 2 000 метри квадратни и седум хируршки сали, две за абдоминална хирургија, две за уролошки интервенции, една сала за уво, нос и грло, една за очна хирургија и една за роботска хирургија. Сите сали ќе имаат најнова опрема, хируршки маси у машини за анестезија, медицински компјутери, дефибрилатори и друг инвентар. Реконструкцијата опфаќа и биохемиска лабораторија со целосно автоматизирана опрема, микробиолошка лабораторија, како и лабораторија за патологија со воведување фармако-генетски анализи според најнови светски стандарди кои овозможуваат таргетирана и перонализирана терапија на онколошки пациенти. Интензивната нега ќе биде на површина од 500 метри квадратни со седум целосно опремени боксови за пациенти со централно мониторирање. Сменета ќе биде и кровната конструкција на болницата која беше нотирана како еден од поголемите проблеми, ќе се воспостави ефикасен систем за греење и ладење, а ќе се реконструираат и лифтовите, рече денеска министерот за транспорт и врски Александар Николовски.

Останува нејасно дали овие установи имаат доволно ресурси – персонал, медицинска опрема и инфраструктура – за да ги згрижат сите пациенти кои ќе бидат пренасочени. Интензивната нега бара најсовремени апарати и постојан мониторинг од специјализиран кадар, а токму КАРИЛ е најопремената установа за ваков тип на третман. Дали останатите болници имаат доволно капацитет за да го надоместат овој недостиг?

Министерот за здравство Арбен Таравари во рамки на вложувањата во инфраструктурата и во нова апаратура во здравството, за следната недела го најави отпочнувањето со реновирање на Одделот за интензивна нега во Клинички центар, а од 1 април ќе почне и комплетната реконструкција на хируршките сали во Клинички центар. Целиот процес на реновирање на хируршките сали и на КАРИЛ ќе се одвива координирано, рече тој, и нема да има последици по пациентите.

– Останува нашата заложба да овозможиме што поквалитетни и подобри здравствени услуги за нашите пациенти како најважен фактор за кој се залагаме како Министерство. Од следната недела треба да започне реновирање на Одделот за интензивна нега во Клинички центар, од 1 април да започнеме со комплетна реконструкција на салите во Клинички центар во Скопје, меѓутоа истовремено и операционите сали во „8 Септември“, комплетно нови со комплетна интензивна нега и простор за лабораторија и микробиологија, рече Тараври 

Од Министерството уверуваат дека пациентите нема да бидат оставени без грижа и дека реконструкциите се неопходни за подобрување на условите во здравствениот систем. Но, досегашното искуство покажува дека вакви крупни зафати често се пролонгираат, што може да создаде дополнителни проблеми за пациентите и медицинскиот персонал.

Во јавноста веќе има реакции дека реновирањето на двете болници во исто време може да ја доведе во ризик здравствената заштита на најтешко болните пациенти. Дополнително, нема јасен рок до кога ќе завршат овие реконструкции и дали ќе има дополнителни привремени решенија доколку капацитетите на другите установи се покажат како недоволни.

Зачлени се на нашиот е-билтен