Истрагата за Сашо Дранго продолжува, „Анима Мунди“ ги достави сите докази до обвинителството

Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ пред шест дена доставило сите докази во случајот со спорната фотографија на Сашо Дранго со убиена мечка, изјави активистката Гизела Бошковска.

Случајот предизвика бурни реакции во јавноста, а Основното јавно обвинителство Битола веднаш отвори предистражна постапка. Денеска од ОЈО потврдија дека истрагата е во тек, но не споделија детали.

Според Бошковска, здружението добило барање од ОЈО да обезбеди докази, по што преку препорачано писмо испратиле фотографии и скриншотови од мејл комуникации поврзани со случајот. Таа посочи дека испраќачот на материјалите останал анонимен, а нивниот идентитет не е познат ниту на „Анима Мунди“.

Дранго, кој до почетокот на март беше заменик-директор на „Македонијапат“, не беше разрешен, туку неговиот шестмесечен договор не беше продолжен. Тој тврди дека не ја убил мечката, туку само ја отстранил од патот Битола-Ресен, но полицијата не потврди дека има записник за настанот.

Во текот на истрагата, ОЈО Битола изврши распит на Дранго, претрес во неговиот дом и вештачење на неговиот мобилен телефон. По завршување на сите истражни дејства, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.

„Очекуваме најстрога казна. Дранго постојано дава различни изјави, што укажува дека не ја зборува вистината. Ако мечката е уловена во друга држава, тоа е лесно проверливо, бидејќи ловот таму е строго регулиран“, вели Бошковска.

Извор „Независен“

Зачлени се на нашиот е-билтен