По трагичниот настан што го погоди Кочани, граѓаните се обединија за да помогнат на повредените и нивните семејства. Иван Ивановски, еден од иницијаторите на иницијативата „Поддржи го Кочани“ (supportkochani.com) истакнува дека најважно е да се соберат доволно финансиски средства за да им се помогне на луѓето кои се соочуваат со тешки последици.
“Во оваа ситуација, најлесно и најбрзо што можеме да направиме е да донираме. Секој може да се откаже од едно кафе во денот и да ја насочи таа сума кон некоја од достапните сметки за донации. Потребни се милиони евра за да можат овие семејства барем делумно да ги покријат трошоците за лекување, протетика и пластични операции,” вели Ивановски.
Како се организираше иницијативата?
Само неколку дена по трагедијата, иницијативата „Поддржи го Кочани“ успеа да собере преку 12 милиони денари (приближно 200.000 евра). Собирањето започнало веднаш по погребот на настраданите, кога волонтерите објавиле Excel-документ со податоци за донации. За само неколку часа, се развила и првата верзија на веб-страницата за поддршка, која во моментов е стабилна и функционална.
„Луѓето континуирано донираат, но потребите се огромни. Бројката што ја имаме е само мал дел од она што вистински им треба на овие семејства,” додава Ивановски.
Иако финансиската помош е клучна, Ивановски нагласува дека во моментов најпотребно за семејствата е надежта дека нивните најблиски ќе закрепнат. „Најголемата желба на овие луѓе не се парите, туку нивните деца и роднини да преживеат и да се изборат со повредите. Но, свесни сме дека закрепнувањето ќе биде скапо и долг процес, а јавноста брзо заборава на вакви трагедии. Затоа мораме да направиме сѐ што можеме сега.“
Како функционира распределбата на средствата?
Иницијативата не е централен систем за распределба на донации, туку платформа која ги поврзува донаторите со семејствата. „Ние само ги објавуваме сметките на засегнатите семејства, а секој кој сака да помогне, директно уплаќа на нив. Немаме контрола врз тоа кој добива средства и во кој обем, туку работиме исклучиво на транспарентноста на процесот,“ објаснува Ивановски.
Градот е тивок, атмосферата е тешка, а трагедијата сѐ уште е присутна во секојдневието.
„Во Скопје може да видите раздвиженост и насмевки, но во Кочани реалноста е сосема поинаква. Луѓето тука се во шок и во тага, и секој се обидува да се справи со болката на свој начин. Важно е да останеме обединети и да продолжиме да помагаме.“
„Најважно е да останеме хумани и да се потрудиме да ги поддржиме семејствата не само финансиски, туку и со емпатија и разбирање. Не е само прашање на пари – некои од нив можеби имаат потреба од помош за основни секојдневни работи или поддршка во лекувањето. Она што најмногу боли е што некои политички структури се обидуваат да ја искористат ситуацијата за свои цели. Мој апел е да останеме сплотени и да не дозволиме трагедијата да биде злоупотребена за политички поени.“
Хуманоста на граѓаните досега беше на високо ниво, но борбата за овие луѓе не завршува. Донациите, солидарноста и поддршката ќе бидат клучни во наредните месеци за да им се помогне на настраданите да се справат со предизвиците што ги очекуваат.
Линк до „Поддржи го Кочани“ “
Соња Танеска