Изборен ден во Брвеница

Во општина Брвеница денеска се одржуваат предвремени избори за градоначалник, на кои право на глас имаат 16.256 граѓани. Гласањето се спроведува на 24 избирачки места во десет населени места, а избирачите одлучуваат меѓу шест кандидати за градоначалничката функција.

Избирачките места се отвораат во 7 часот, а гласањето ќе трае до 19 часот. Изборите се организираат по смртта на досегашниот градоначалник Јовица Илиевски, кој почина на 23 јуни годинава, на 58-годишна возраст.

Според заклучениот Избирачки список на Државната изборна комисија, во редовните изводи се запишани 15.798 избирачи, 449 се евидентирани како лица на привремена работа во странство, додека девет избирачи се наоѓаат во затвор или притвор.

За вчера беше предвидено гласањето на 88 болни и изнемоштени лица кои претходно се пријавиле за остварување на избирачкото право.

За градоначалничката функција се натпреваруваат Стојанчо Радически од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Јовица Радески од коалицијата предводена од СДСМ, Јакуп Усеини од коалицијата ВРЕДИ и Аркин Јахији од Националната алијанса за интеграција (НАИ).

Во изборната трка учествуваат и двајца независни кандидати – Душан Богдановски и Арифе Идризи.

Функцијата вршител на должноста градоначалник, по смртта на Илиевски, во изминатите месеци ја извршуваше Роберт Милошески.

Претседателот на Државната изборна комисија, Бојан Маричиќ, во пресрет на гласањето изјави дека се завршени сите подготовки за непречено спроведување на изборниот процес.

Според него, надминати се и техничките проблеми со уредите за биометриска идентификација на гласачите. За денешното гласање се обезбедени 24 функционални фингерпринт-апарати, како и резервни уреди во случај на технички проблем.

ДИК претходно спровела соодветна постапка за обезбедување на функционалноста на системот, по истекувањето на договорот за негово одржување.

Маричиќ најави дека Комисијата ќе продолжи и со постапките за обезбедување софтверска поддршка за преостанатите околу 4.000 апарати што се користат при изборите во Македонија.

Доколку ниту еден од кандидатите не го обезбеди потребното мнозинство во првиот круг, вториот круг од изборите е предвиден за 1 ноември, кога би се натпреварувале двајцата кандидати со најмногу освоени гласови.

Државната изборна комисија во текот на денот се очекува да објавува информации за текот на гласањето и одѕивот на избирачите, а по затворањето на избирачките места ќе започне пребројувањето на гласовите.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?