Изложба и промоција на монографија за македонското културно наследство во Тирана

Во рамките на „Неделата на македонската култура“, синоќа во македонскиот културен центар Нобис во Тирана беше отворена изложба на слики со традиционални македонски носии. На истиот настан, беше промовирана и книгата „Монографија за македонската народна носија“, дело на авторот Владимир Јаневски, која се фокусира на овие културни богатства.

Изложените фотографии и носии носат со себе живи сведоштва на македонската историја, традиција и идентитет. Според Амбасадата на Република Македонија во Тирана, секоја од овие носии раскажува уникатна приказна за трудот, вештината и љубовта на македонските предци. Симболите, боите и орнаментите кои ги красат носиите, не се случајно избрани – тие носат длабоки значења и пренесуваат пораки за духовност, убавина и припадност.

Монографијата на Владимир Јаневски претставува резултат на долгогодишно истражување, документирaње и анализа на традиционалната македонска облека. Книгата, која ги опишува носиите од крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век, со помош на усни сведоштва од современи сведоци, детално ги прикажува разликите и богатството на македонските региони.

Авторот истакнува дека „Монографијата за македонската народна носија“ е дел од долгогодишна посветеност на проучувањето на македонската материјална култура, со посебен фокус на значењето на облеката како дел од националниот идентитет.

Амбасадата ја истакнува важноста на изложбата како потсетник дека минатото треба да се негува и споделува со идните генерации, нагласувајќи дека нашите корени се основа за иднината.

Манифестацијата „Недела на македонската култура“, која првпат се организира во Тирана, започна на 23 април и ќе заврши утре.

Зачлени се на нашиот е-билтен