Изнудена и задоцнета осуда на Мицкоски за настанот на српските радикали на Кајмакчалан, придружена со дезинформација

Изнудена и задоцнета осуда на Мицкоски за настанот на српските радикали на Кајмакчалан, придружена со дезинформација. Вака може да се оцени настапот на премиерот Христијан Мицкоски кој не слушнал, не видел ништо од медиумските објави за серијата настани што токму за време на викендот кога Македонија го одбележуваше Денот на независност, ги реализираше делегација на Република Србија предводена од Министерот за одбрана Братислав Гашиќ и од Министерката за труд, вработување, боречки и социјални прашања во Владата во Белград Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски

По повод 109-годишнината од Битката кај Кајмакчалан и освојувањето на врвот на планината Ниџа, таа и делегацијата на Србија во која беа вклучени и свештени лица од Српската православна црква и војници на Армијата на Србија, и во име на Владата на Република Србија, положи венци во Спомен-капелата и во Спомен-костурницата на врвот Кајмакчалан на планината Ниџе.

„Тука, на врвот на нашата слава и победа, мора високо да го кренеме знамето на слободата. Знамето на нашето единство треба да се вее насекаде каде што живее српскиот народ – каде што се зачувани името и презимето, каде што се слави празникот на крштевањето, каде што пишуваме на кирилица, каде што се сеќаваме на нашите предци и се грижиме за нашите потомци“, изјави во оваа пригода српската министерка.

Од врвот на планината таа уште порача: „Нека се чуе пораката од Кајмакчалан: Србија живее, Србија трае и Србија ќе трае сè додека постои единството на нашиот народ. Под „Знамето на единството“ им оддаваме почит на нашите предци и го потврдуваме братството на Србите и Македонците – исто дрво, ист корен, заедничка иднина“.

И ништо за ова не знаел Мицкоски, туку дозна за време на гостувањето на ТВ Алсат, кога благодарение на упорноста на новинарката беше принуден да каже дека тоа било за осуда и се обидуваше тоа да го покрие со редење на проекти за „подобар живот“ на граѓаните од соработката со Србија, иако сите проекти што ги спомна се наследство од претходната влада.

Никој од владата не го осуди настанот на Кајмакчалан и во Битола и останува само оваа изнудена осуда на премиерот.

Тој уште, којзнае зошто, пушти дезинформација, дека српската министерка е родена во Крива Паланка (?!?!).

Не знаеме кој го информира премиерот и зошто во брифинзите на службите (АНБ?!?!) немало инфо за настанот на Кајмкачалан, но премиерот, се покажа во несоодветна позиција за фукцијата што ја извршува, вклучувајќи ја и оваа дезинформација за местото на раѓање на Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски.

А информации за српската министерка има и на Википедија, што е отворен извор дури и за Агенцијата за национална безбедност.

Која е  Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски?

Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски не е родена во Крива Паланка, како што дезинформира премиерот Христијан Мицкоски, туку во Белград, на 21 јули 1990 година.

Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски беше лидер на ултранационалистичките протести, поддржани од други десничарски организации, против прогласувањето на независноста на Република Косово, апсењата на Радован Караџиќ, Ратко Младиќ, пресудите на Хашкиот трибунал, спроведувањето на Договорот за административна транзиција меѓу Србија и Република Косово, и Бриселскиот договор.

Учествуваше на митинг во поддршка на сирискиот претседател Башар ал-Асад, како и на Руската Федерација во врска со анексијата на Крим и војната во Донбас. Таа беше лидер на листата „Заветници“ на парламентарните избори во 2014.

Иако Ѓурѓевиќ Стаменковски и нејзината партија беа со опозициска ориентација кон сегашната влада на СНС, по изборите во 2023 година, кога владата беше формирана во 2024 година, лидерот на партијата Стаменковски влезе во Владата на Република Србија со владејачката СНС.

На 10 септември 2017 година, таа се омажи за Стефан Стаменковски, претседател и еден од основачите на партијата „Заветници“. Стефан Стаменковски во Србија исто така е познат по неговите радикални и ултра десничарски политики. Во 2020 година тој ѝ ја препушти претседателката позиција во „Заветници“, на неговата сопруга Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски.

Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски учествуваше на последниот предизборен митинг на Алтернатива за Германија (АфД) „во име на нејзината партија“.  Српската партија Заветница и германската АфД ги поврзува крајнодесничарската идеологија и спротивставувањето на либералните вредности, напиша тогаш Радио Слободна Европа.

Зачлени се на нашиот е-билтен