Јагне по 210 денари – Трипуновски вели „се откупува“, сточарите велат „пропаѓаме“

Овчарите се жалат на катастрофално ниската откупна цена на јагнето, која според нив никогаш не била пониска. Иако министерот за земјоделство Цветан Трипуновски тврди дека откупот тече по цена од 220 до 250 денари за килограм жива мера, реалната ситуација на терен покажува пониски откупни цени – од 210 до максимум 230 денари – што не ги покрива ни производните трошоци.

За да го намалат загубениот приход, сточарите се принудени јагнињата да ги носат на сточните пазари, каде што цената по килограм достигнува до 320 денари. Разликата од стотина денари е суштинска за овчарите, особено за таканаречените „вишок“ јагниња, кои не се обврзани со условите за субвенции.

Но половината од секое стадо мора да оди на откуп преку регистрирана кланица – услов за добивање субвенции, што дополнително ги става сточарите во неповолна позиција.

„Јагнето ми го откупија за 205 до 220 денари по килограм. Заради обврската со субвенциите морам да го предадам во кланица, иако тоа значи директна загуба“, вели Виктор Ристевски, сточар од Битола.

Сточарот Аце Милевски од Гнеотино, кој одгледува 500 овци, вели дека загубите се огромни, а пари од субвенции за 2024 година сѐ уште чека.

„Ми должат 1.400 денари по грло. Повеќе ни се исплати да продаваме на пазарот – парите ги добиваме веднаш, за разлика од субвенциите и откупот, каде што чекаме со месеци“, нагласува Милевски.

Според податоци од сточниот пазар во Битола, јагнињата се продаваат по околу 5 евра за килограм жива мера. Потрошувачите пресметуваат дека така излегува поевтино отколку да купуваат јагнешко месо во месарниците, каде што килограм достигнува до 650 денари.

„Купив јагне од 25 килограми по 310 денари. Платив 7.750 денари, добив околу 15 килограми месо. Да го купев тоа месо во месарница, ќе платев 2.000 денари повеќе“, вели Пецо Ристевски од Битола.

Сопственици на месарници објаснуваат дека и тие се во неповолна позиција – мораат да откупуваат јагниња од кланици по 10 евра за килограм, а заработката е речиси непостоечка.

Во гостување на ТВ24, министерот Трипуновски изјави дека досега се откупени 120.000 јагниња, а до Велигден се очекува дополнителен откуп на уште 8.000 до 10.000.

Тој ги повика овчарите да се здружуваат во земјоделски задруги и дури да размислуваат за формирање сопствени кланици за поголема контрола врз пазарот.

Министерот најави дека субвенциите за овчарите се зголемени – од 2.000 на 3.000 денари по овца, со дополнителни 7 денари за литар овчо млеко, и 1.500 денари плус за органско производство. Исто така, е предвидена мерка за зголемување на основното стадо, со 30% поголеми субвенции.

Но на ваквите ветувања, овчарите одговараат со разочараност:

„Се распродаваат цели стада. Стоката оди за Косово, а ние остануваме без основен извор на приход“, велат сточарите.

Извор Независен

Зачлени се на нашиот е-билтен