Јакимовски: Општина Карпош ја оставам со стабилни финансии и позитивен биланс

На својата последна прес-конференција како градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски соопшти дека општината ја остава со 72 милиони денари на жиро-сметка и целосно измирени обврски. Тој оцени дека неговиот четврти мандат бил најуспешен, иако, како што нагласи, се одвивал во „тешки околности и со бројни финансиски и институционални предизвици“.

Јакимовски истакна дека при преземањето на функцијата општината имала само шест милиони денари приход и долг од 6,5 милиони евра, но до крајот на 2025 година очекува вкупните сопствени приходи да достигнат речиси 800 милиони денари – што, според него, е рекорден резултат.

„Секогаш кога сум бил на чело на општината, приходите растеле. Имаме многу кои знаат да трошат, но малкумина кои знаат да ги зголемат приходите,“ изјави Јакимовски.

Најави дека по завршувањето на мандатот, на 31 декември годинава, ќе се пензионира.

Меѓу проектите на кои е особено горд, го посочи општинскиот административен објект, за кој вели дека бил замислен како простор во кој ќе бидат сместени сите подрачни канцеларии на државните институции, со цел граѓаните „на едно место да ги добиваат сите услуги“.

Во однос на урбанистичкиот развој, Јакимовски нагласи дека во моментот во Карпош се градат само неколку објекти — една висококатница, два поголеми комплекса во Момин Поток и три помали згради до пет ката — што, како што рече, покажува „внимателно управување со урбаниот простор“.

Со оваа прес-конференција, Јакимовски ја заврши својата четврта градоначалничка функција, по која ја остава Општина Карпош со стабилни финансии и позитивен биланс.

Зачлени се на нашиот е-билтен