Јакимовски: Владата веќе 11 месеци не дава одобрение за негувателки и воспитувачки во градинките под надлежност на Општина Карпош

Владата веќе 11 месеци не дава одобрение за издавање на лиценци за негувателки и воспитувачки во градинките под надлежност на Општина Карпош, иако се соочуваат со недостаток на персонал, посочи денеска на прес-конференција градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски.

Тој истакна дека изминатата година од градинката „Орце Николов“ во пензија се заминати осум негувателки, од градинката „Распеана младост“ – шест, додека од „Пролет“ – пет негувателки.

  • Соочени сме со тоа да од две градинки правиме една, бидејќи немаме персонал поради што Владата после една година не најде решение за издавање лиценци за негувателки и воспитувачки. Ова значи ние доколку сакаме да платиме негувателки или воспитувачки или доколку родителите сакаат да платат не можат да работат бидејќи немаат лиценца, а тоа Владата еве веќе 11 месеци го нема решено. Во градинката „Орце Николов“ во последната година заминати се осум негувателки или воспитувачки во пензија или ја напуштиле градинката, а ниту за едно немаме одобрение. Замислете куриозитет, минатата година на 3 декември Министерството за финансии одобрило пет вработувања со важност до 31 декември, а од Министерство за труд и социјална политика ни ги доставија дури на 3 февруари. Ете така функционира нашиот систем и оваа партизирана држава. Истите овие барања ги поднесовме повторно и замислете сме одбиени, иако тие пари се планирани од Буџетот на државата. Од градинката „Распеана младост“ изминатава година, заминати се шест негувателки или воспитувачки и за ниту една немаме добиено одобрение. Во градинката „Пролет“, исто така имаме пет негувателки заминати во пензија, а ниту за една немаме добиени одобрение, нагласи Јакимовски.

Посочи дека Министерството за внатрешни работи доставило допис до Општина Карпош со кој се барало да бидат доставени легализираните градби во општината, по што Јакимовски упати прашање до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дали такво писмо е испратено и до Општина Чаир.

  • Министерката за образование ни намали 16 милиони денари во делот на образованието, кај министерот за транспорт и врски девет месеци има три планови за кои немаме ниту едно одобрение. Министерот за внатрешни работи ни има доставено допис со кој бара да му испратиме сѐ што имаме легализирано на потез од АБЦ клубот до крстосницата со булевар 8 Септември. Имам јавно да го прашам – дали вакво писмо министре имате доставено до Општина Чаир или евентуално во вашиот Аеродром вакви писма испраќате? Замислете на утрешната седница на Влада има точка да се одземе спортската сала Партизан 4, па сега имам повторно да прашам – има ли нешто да одземете од Општина Чаир? Бараки земате од Карпош, сала земате од Карпош, не дозволувате ниту еден човек да се вработи во градинките каде што има зголемен број на деца, посочи Јакимовски.

Зачлени се на нашиот е-билтен