Јапонија со децении важи за земја каде вредната работа и лојалноста кон работодавачот се речиси свети вредности. Но, новата генерација сè почесто се дистанцира од овој начин на живот. Наместо целосна посветеност на компанијата, сè повеќе млади избираат „тивко да се повлечат“ – односно, да работат онолку колку што е потребно, без ентузијазам за прекувремена работа или унапредување.
Иако терминот „quiet quitting“ потекнува од САД (2022), во Јапонија доби посебна нијанса: младите не заминуваат физички од работа, туку престануваат да ѝ се предаваат целосно. Се појавуваат точно на време, заминуваат веднаш по крајот на смената и не се вознемируваат од мисли за кариера, бонуси или признанија.
Работата веќе не е центар на животот
Истражување на „Mynavi Career Research Lab“ спроведено врз 3.000 вработени на возраст од 20 до 59 години покажа дека 45% од нив признаваат дека го даваат само неопходниот минимум на работното место. Најголеми „тивки повлекувачи“ се токму оние во дваесеттите.
Зошто се случува ова?
„Не ја мразам работата, но повеќе сакам да имам време за пријатели, патувања, концерти“, вели 26-годишниот Исеи. „Моите родители и дедо ми верувале дека мораш да се жртвуваш за поголема плата, но мене тоа не ми е логично. Претпочитам рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот – и знам дека и повеќето мои пријатели размислуваат исто.“
Најчестата причина за ова однесување, според истражувањето, е токму желбата за повеќе „време за себе“. Други велат дека нивниот труд не е соодветно вреднуван или дека немаат мотивација за унапредување.
Променети вредности
Сумие Каваками, универзитетски професор и кариерен советник, вели дека младите денес не сакаат да го повторуваат животот на своите родители: „Ги видоа како се откажуваат од приватниот живот за компанијата, а денес повеќето фирми не нудат истите бенефиции или стабилност како порано. Луѓето веќе не се чувствуваат обврзани да жртвуваат сè за работодавачот.“
Пандемијата, исто така, одигра своја улога. Многумина ги преиспитаа приоритетите и сфатија дека доживотна лојалност кон една фирма не е ниту одржлива, ниту пожелна.
Професорот Изуми Цуџи од Универзитетот Чуо објаснува дека новата генерација има сосема поинаков пристап: „Во минатото, вработените беа горди што работат долги часови и остануваат во истата фирма до пензија. Денес, младите сакаат слобода, време за хобија, и баланс во животот. Тоа е голема, но позитивна промена.“
Цуџи додава дека оваа промена не е само добра за луѓето, туку и за општеството: „Кога луѓето имаат повеќе време за себе, можеби ќе потрошат повеќе пари, ќе создадат семејства – а тоа е особено важно во земја со намалена наталитет.“
Каваками потсетува на еден мрачен аспект од јапонската работна култура – „кароши“, или смрт од прекумерна работа. Во 1998 година, повеќе од 32.000 луѓе извршиле самоубиство, дел од нив поради исцрпеност и стрес на работното место. Денес, бројката се намали на околу 20.000 – најниска во последните децении.
„Гледаме генерација која не се плаши да избере посреќен живот наместо углед во фирмата“, заклучува Каваками. „И тоа е нешто што вреди да се поздрави.“