Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Јавна расправа за безбедност во сообраќајот или за политичко препукување

Фото: Рацин.мк
Фото: Рацин.мк

Она што начелно се заговара пред најавената јавна расправа, се промени на кривичниот Законик и заострување на казнените мерки во доменот на сообраќајната безбедност. Но експертите не се убедени безбедноста во сообраќајот лежи само во Кривичниот Законик и во казните

Љубиша НИКОЛОВСКИ

Како што се договорија партиите во петок ќе се одржи собраниска јавна расправа на тема „Анализа и утврдување на потребата за изменување на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот“.

Што ќе донесе расправата допрва ќе се види, но од досега искажаното во јавноста, наместо за безбедност во соообраќајот од стручен аспект, се слушаа политички препукувања меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ за тоа кој е крив за сообраќајната несреќа во која животот го загуби младата Фросина Кулакова.

Оттаму за очекување е дека и на расправата во Собранието во петок ќе бидеме сведоци на продолжение на приказните за тоа дека виновно е судството од времето на СДСМ, дека судијката Даниела Алексовска Стојановска треба веднаш да биде сменета од Судскиот Совет. На тоа ќе се надоврзат партиските препукувања „чија“ е таа судијка. ВМРО ДПМНЕ ќе обвинува дека таа е блиска со СДСМ и дека намерно го „ослободила“ Васил Јованов од притвор, додека СДСМ ќе тврди дека таа е судијка избрана од тефтерчето на Гордана Јанкуловска и т.н.

Но сето тоа нема никаква врска со безбедноста во сообраќајот, иако токму тоа може да биде доминатна тема на јвната расправа.

Она што начелно се заговара пред јавната расправа, се промени на кривичниот Законик и заострување на казнените мерки во доменот на сообраќајната безбедност.

Но експертите не се убедени безбедноста во сообраќајот лежи само во Кривичниот Законик и во казните.

Претседателот на Судскиот Совет Александар Камбовски вели „не се добри такви некои брзи промени да се прават во законот,  Ако мислиме дека само со драконски казни ова ќе го решиме, ова нема да се реши. Ние имаме подлабок, поголем проблем“.

Проблемот можеби, како што вели Камбовски, е во тоа што ни „недостига официјална анализа, која би покажала дали навистина секогаш се оди со поблаги казни затоа што законот и сега предвидува високи казни, од најблага казна од 4 години, до највисока од 20 години затвор“.

Така ќе биде процесуиран и овој случај од страна на Обвинителството.

Обвинителството во овој случај против осомничениот води постапка за најтешко кривично дело од областа на безбедноста на сообраќајот, меѓутоа сторено со умисла – рече Коцевски.

Согласно оваа квалификација на делото, сторителот според Кривичниот законик може да добие затворска казна од четири до 20 години.

Според Кривичниот Закон, членот 300 гласи: Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот Член 300 (1) Ако поради делото  некое лице е тешко телесно повредено или настапи имотна штета од големи размери, сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години. (2) Ако поради делото од членовите 297 ставови 1 и 2,298 став 1 и 299 ставови 1 и 2 настапи смрт на едно или повеќе лица, сторителот ќе се казни со затвор најмалку четири години.

Што се однесува до одговорноста на судијката  Даниела Алексовска Стојановска и поврзаноста на нејзината одлука на Јованов да му одреди казна притивор, со трагичната сообраќајна незгода, Камбовски рече дека не би се осмелил да коментира во врска со одлуката се додека не го види целиот предмет, но рече дека ќе се разгледува секој случај каде има пропусти. „Сигурно дека ќе се разгледува, секаде каде што има пропуст ќе се санкционира“.

Камбовски вели дека Судскиот совет, најверојатно, ќе направи разговори со судијката за да види кои се фактите во случајот, но сето тоа ќе оди во предвидена процедура.

И Коцевски вчера на прес-конференцијата прашан за тоа дали Обвинителство ќе оформи предмет за судијката Даниела Алексовска Стојановска одговори дека во моментов нема сознанија дека е отворен предмет, затоа што нема индиции за сторено кривично дело.

Според професорот Калајџиев пак  „тезата дека сообраќајката немала да се случи ако возачот добил затворска казна е неточна и лаичка! Тој сѐ уште не е правосилно осуден и се чека одлука од Апелација. Тоа значи дека и да добиел затвор ништо немало да се промени“.

Сличен став имаше и  Кривичниот суд: „Дали некој во правосудниот систем можел да претпостави дека обвинетиот после 7 месеци од донесената пресуда со која треба да се институционализира, може да стори друго кривично дело, па поради тоа требало да биде задржан во притвор. Законите во нашата земја како и Меѓународните конвенции за човекови права тоа не го дозволуваат“.

Оттаму укажувањата дека станува збор за поширок општествен проблем се точни, затоа што сообраќјна незгода можат да направат и оние граѓани кои никогаш пред тоа не биле во судир зо законот.

Наместо решенија да се бараат само во Законите доволно е да се превенира од сообраќајно -технички аспект, за што надлежност има и МВР.

Проблем со црните сообраќајни точки, како што е Партизанска, каде неретко се случуваат сообраќајни несреќи, можат да се решат како и на други локални скопски улици каде има поставено т.н. „лежечки полицајци“, со што драстично се намалува брзината при возење.

Зачлени се на нашиот е-билтен