Јавната комуникација на Петар Богојески ја сметаме за недолична и агресивна

Рацин.мк реагира на однесувањето и на јавната комуникација на новопостевениот директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Петар Богојески, и ги оценува како недолични и спротивни на етичкиот кодекс на јавните избрани и именувани фукционери во однос на комуникацијата со медиумите.

Сосема спротивно на стандардите и етичките принципи за комуникација со јавноста, господинот Петар Богојески продолжи со недоличната комуникација на социјалните мрежи, пракса додека беше партиски функционер.

Богојески веќе одамна се препознава по неговите шовинистички изјави, навредливи термини, говор на омраза, дезинформации.

Ваквата негова комуникација е насочена особено интензивно кон одделни медиуми, новинари, граѓански организации и граѓански активисти.

Оваа наша реакција ја сметаме за неопходна затоа што веќе е редовна пракса Петар Богојески и сега како директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност (НАЕОП), да пишува коментари на социјалните мрежи на порталот Рацин.мк со навредливи содржини за медиумот и за уредниците и новинарите на оваа редакција. Овие коментари се најчесто објавувани во работното време, па оттаму зачудувачки е што наоѓа време токму тогаш да се занимава со новинарите и нивните медиумски содржини од позиција на директор на НАЕОП.

Единствениот начин на кој ова негово однесување може да се објасни е дека станува за притисок врз медиумите и врз слободата на новинарското изразување. Освен што се недолични, континуитетот што го одржува прави тие да се доживуваат како агресивни. Уште повеќе што станува збор за коментари на медиумски содржини кои на ниту еден начин не се повразани со него, со неговата функција или со НЕАОП.

Дел од нив можете да ги видите и тука. Во еден од коментарите Богојески напиша: „А замислете да го предложеа вашиот газда артанче груби? Којзнае што пофалби ќе направевте на рацин.измеќари.смк. Во друг: Кој ги смислува овие блесави тези: Забрчан?

Богојески очигледно или не е поучен или одбива да биде поучен од претходните укажувања, па дури и санкции за ова негово однесување. Познато е дека тој пред три години доби отказ и од функцијата државен советник во Министерството за одбрана поради однесување спротивно на Етичкиот кодекс на вработените во министерството.

Ќе потсетиме дека за недоличната комуникација на Богојески Мрежата за заштита од дискриминација побара повлекување на одлуката за именување на Петар Богојески како директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, поради неговите изјави со вознемирувачки говор, навреди и говор на омраза, како и постапки кои се спротивни на европските вредности.

Ќе потсетиме и на ставот на Делегацијата на ЕУ (ДЕУ) во нашата земја, која во одговор на прашање на редакицијата на порталот Порталб.мк. од ДЕУ наведуваат дека ја забележале, како што велат, „значајната загриженост на Европската комисија во врска со некои негови јавни активности и изјави“ и посочуваат на следното.

Во врска со сето ова, поврзано со однесувањето на Петар Богојески, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, редакцијата на Рацин.мк испрати допис до Владата на Северна Македонија и до Министерот за добро владеење со неколку прашања за кои очекуваме одговор.

За реакцијата и за содржината во неа испративме писма и до Здружението на новинарите на Македонија, до Советот за етика во медиумите во Македонија, до Сојузот на синдикатите на новинарите на Македонија, како и до Делегацијата на ЕУ во нашата земја.

Зачлени се на нашиот е-билтен