Јавни објекти во општините Кочани и Виница се распаѓаат

Триесетина јавни објекти кои што се во надлежност на општините Кочани и Виница се запуштени и се распаѓаат. Домови на култура, училишни згради, јавни општински установи, без идеја, желба или без можност да се стават во функција, пропаѓаат со години.

Александра ДАВИТКОВА* и Тони АЈТОВСКИ**

Триесетина јавни објекти кои што се во надлежност на општините Кочани и Виница се запуштени и се распаѓаат. Локалните самоуправи се покажуваат како лоши газди на имотот што е во нивна сопственост – главно домови на култура, училишни згради, јавни општински установи, па без идеја, желба или без можност да ги стават во функција, објектите се оставени да пропаѓаат со години. Општините немаат јавно објавени информации колку и кои објекти се во нивна сопственост, ниту каде се наоѓаат и колкава површина зафаќаат.

Ова е воведот во репортажата на Александра Давиткова и Тони Ајтовски, објавена на порталот Локал Актив.

Типичен пример во Кочани е некогашниот Спомен-дом АСНОМ, објект со доминантна позиција во централното градско подрачје, кој на почетокот на деведесеттите години имаше неколку корисници од образовен, едукативен и културен карактер, меѓу кои и Пионерски дом, подоцна преименуван во Центар за детско творештво, општинската библиотека и основното музичко училиште. Исто така, овде беа сместени и Клубот за народна техника Никола Тесла, младинскиот центар Вавилон, јавната локална радиотелевизиска станица, неколку граѓански здруженија и Фолклорниот ансамбл Руен.

Во годините на транзицијата, Центар за детско творештво престана да функционира, библиотеката беше преселена во други простории, а Клубот за народна техника и аматерскиот радиоклуб – згаснаа. 

Со тоа и грижата за целиот објект престана, по што за кратко време беше руиниран. Единствено, музичкото училиште остана да функционира и колку-толку да го одржува во живот дел од комплексот на Домот.

„Основното музичко училиште е сместено во комплексот АСНОМ од 1983 година и во континуитет до денес опстојува во истата училишна зграда. Со престанување на работата на скоро сите други институции, училиштето чии простории останаа осамени во целото окружување се соочи со бројни предизвици за да опстои и непречено да ја извршува дејноста. Бевме принудени да го реконструираме системот за греење за да го приспособиме на потребите на училиштето, инсталиравме одвоена котларница и резервоар за нафта, го одвоивме водоводниот систем, го саниравме кровот на училишната зграда, дрвената столарија ја заменивме со ПВЦ прозорци и врати, вградивме метални решетки на сите отвори за да се заштитиме од кражби, кои беа особено чести. Беше загрозена и општата безбедност на учениците и вработените поради непристапноста до комплексот, како и од недоволната фреквенција на луѓе. Неопходна беше постојана соработка со тогашниот Сектор за внатрешни работи. И покрај предизвиците, училиштето во тој период бележи бројни активности, како и пораст на бројот на ученици. Како резултат на создадените соодветни услови за работа од техничка природа и зголемениот интерес за музичко образование го создадовме и традиционалниот Новогодишен концерт, чие прво издание се одржа токму во концертната сала на комплексот АСНОМ“, истакна Јованка Милојевиќ, поранешна директорка на Основно музичко училиште Ристо Јуруков.

Државата – лош сопственик, општината – уште полош

Со буџетски средства од државата, кон крајот на 2009 година, скоро половина од домот беше реновиран и адаптиран за во него да се смести Правниот факултет во рамки на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип. Седум години подоцна, односно во средината на 2016 година, факултетот комплетно беше префрлен во Штип, а просториите во Кочани останаа целосно напуштени.

Со одлука на Владата од декември 2019 година, на Општина Кочани ѝ беше вратен во владение објектот што претходно таа му го преотстапи на Министерство за образование. Тогашниот градоначалник Николчо Илијев за медиумите кратко најави дека општината ќе преземе мерки околу заштитата на објектот.

Искршена и украдена е и металната ограда околу Домот АСНОМ

„Ние ќе постапиме понатаму, со наши идеи и проекти, сѐ со цел тој објект да го ставиме во функција и да биде заштитен од негово понатамошно руинирање и распаѓање“, истакна Илијев на крајот на 2019 година, на предновогодишниот брифинг за новинарите.

Неформално, тој најави дека имало планови за некои од јавните институции и општински претпријатија да се преселат во АСНОМ, со намера да се ослободи централното градско подрачје од сообраќајниот метеж поради институционалната преоптовареност. Сепак, отпорот кон таквата намера меѓу дел од вработените во општината и промената на локалната власт во 2021 година ја оставија таа идеја нереализирана.

Скоро шест години подоцна состојбата сѐ уште е непроменета. Последен пат просториите во објектот, односно големата сала, беше искористена во 2020 година, кога во периодот на ковид-кризата се одржа седница на Советот на општината. 

Оттогаш таму никој не влегол, а инвентарот и опремата се ограбени, искршени и уништени. Кровот протекува на повеќе места, на таваните и ѕидовите има сериозни оштетувања од влагата, а дел од просториите се претворени во јавен тоалет и место за исфрлање отпад.

По повлекувањето на службите за обезбедување на Правниот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, а за кој државата вложи буџетски средства за реконструкција и ставање во употреба, објектот е изложен на вандализам, кражби и чести провали. Постапно се украдени сите радијатори од системот за парно греење, а уништена е и целата електрична инсталација. „Одговорните лица во Општина Кочани ги пријавуваат кражбите, но ефектот од тоа не се гледа“, истакнаа од локалната самоуправа на Кочани.

Нов обид повторно да заживее дел од Спомен-домот е иницијативата за обезбедување соодветен простор за Центар за дневен престој на лица со попреченостОпштина Кочани веќе презеде почетни активности и кон крајот на мај годинава аплицираше на повикот од Проектот за подобрување на социјалните услуги на Министерство за социјална политика, демографија и млади, што е поддржан од Светска банка. Се чека одговор дали апликацијата ќе биде прифатена, за да може да продолжи постапката.

„Кожув има – нит го носи, ниту мен го дава“

Препуштен сам на себе, оставен без корисници или одговорно лице, во сериозна фаза на распаѓање е и Културниот дом во селото Грдовци. Искршени стакла на прозорците и вратите, расфрлан инвентар, оштетени ѕидови, кров што протектува, искорната електрична инсталација, уништен тоалет –  вистинска хорор-слика што може да се види внатре.

Зградата што пред многу децении заеднички и со сопствени средства ја граделе жителите, од пред десетина години е под надлежност на Општина Кочани. По неуспешниот обид на тогашната локална власт да ја даде на комерцијално користење, таа е во очајна состојба.

Објектот зјае празен, а Месната заедница од Грдовци нема просторија за да одржи редовен состанок. Ниту пензионерите или пак помладите жители немаат свое катче каде би можеле да се дружат.

Културниот дом во Грдовци пропаѓа една деценија

„Културниот дом во нашето село некогаш имаше повеќекратна функција и беше вистински центар на културниот, општествениот и воспитно-едукативниот живот. Покрај киносалата, во домот функционираше амбуланта, катче за времен престој на децата од предучилишна возраст, Месната заедница имаше канцеларија, а една просторија се користеше и како гласачко место за изборите. Со сопствени и со средства од локалното население успеавме да доградиме уште една просторија за забава на младите, во која се организираа диско-забави, како и свадби и други семејни прослави. Постепено сето тоа згасна, а една деценија подоцна останавме и без дом и без месна канцеларија, па ретките состаноци на Месната заедница или граѓанските собири ги одржуваме во некоја продавница или на сред село, како што било пред многу децении. Повеќе пати баравме од општината да помогне, преку проекти од домашни или странски донатори, но до сега немаше позитивен одговор, а објектот е препуштен сам на 

себе и се распаѓа“, истакна Лазо Андов, претседател на Месната заедница – Грдовци.

Обидите на други заинтересирани поединци да добијат простории под наем завршиле без успех, поради несериозниот пристап и на барателот и на сопственикот на објектот, а резултатот од таквото неодговорно однесување е видлив. Ламинатот и другата опрема во просторијата за состаноци се уништени, а големата просторија што некогаш се користела и како киносала сега е претворена во мини депонија. Новогодишната елка што некогаш празнично се поставувала на сред село, скршена и извиткана е фрлена на подот во една од просториите, како потврда за општата негрижа.

Регионалниот пристап за обезбедување средства помага дел од објектите повторно да заживеат

Освен двата објекта во Кочани и Грдовци, во сопственост на Општина Кочани се и Ловниот дом, зградата на некогашниот Воен отсек, бараки во поранешната касарна, старата зграда на музичкото училиште, училишните згради во планинските села Пресека, Полаки, Небојани, Пантелеј, Јастребник, месната канцеларија во Нивичани и други. За сите нив не е обезбедена соодветна пренамена и со години стојат напуштени.

„Источниот плански регион има голем број објекти, меѓу кои и споменици на културата, кои се оставени во заборав низ времето. За Центар за развој на Источниот плански регион тие се предизвик за обновување, иако се многу комплицирани за реализација, со оглед што датираат од 50-те години на минатиот век. Во 2018 година, Центарот спроведе анализа за избор на најсоодветен објект во Кочани што требаше да биде предмет на инвестиција и реконструкција, а да се најде во проектот со кој аплициравме на повикот од Програмата за прекугранична соработка со Бугарија. Од Општина Кочани ни беа понудени два објекта за реконструкција во Приоритетна оска 2 ‘Туризам’ – Подобрување на туристичкиот потенцијал на регионот преку заеднички напори за заштита и одржливо управување на природното и културното наследство. Едниот беше поранешниот работнички универзитет Ленин, односно Мултикултурен центар, а вториот објект беше Ловниот дом

Некогашната киносала во Културниот дом во Грдовци е празна и напуштена

Согласно насоките во повикот и индикаторите, Ленин исполнуваше повеќе услови и тој во периодот 2018 – 2020 година беше реализиран. Вкупната вредност на проектот со сите вклучени проектни активности изнесуваше 19,3 милиони денари, од кои 16,5 милиони денари беа алоцирани за градежни зафати“, вели Зујица Ангелова од Центар за развој на Источниот плански регион.

Со комплетирањето на проектот, Мултикултурниот центар беше реконструриан и заштитен, но Ловниот дом остана да чека подобри времиња, ако во меѓувреме целосно не пропадне.

Ниту училишниот објект во Полаки немаше среќа да заживее и покрај обидот во тоа да се вклучи граѓанскиот сектор.

„Во почетокот на 2018 година, со одлука на Советот на Општина Кочани, на нашиот извиднички одред му беше дадено на користење училиштето во селото Полаки на период од 10 години, без надомест. Заедничка цел беше објектот да се одржува преку активности, обуки и кампови, односно да стане еден од главните центри за тренинг на извидниците. Со ентузијазам и сопствени средства спроведовме десетина активности за младите, часови за ориентација во природа, читање топографска мапа, извиднички игри и слично, но по три години го вративме, затоа што не успеавме да најдеме начин за долгорочно финансирање на нашите проекти, а не сакавме да го имаме само на хартија и да пропаѓа. Подоцна имаше интерес од приватен стопанственик да го земе за комерцијална намена, но мислам дека и тоа не заживеа“, истакна Сашко Стефановски од Извидничкиот одред Ластовица од Кочани.

Поранешната задружна зграда со историска важност во Блатец ја гризе времето

Општина Виница во своја сопственост поседува десетина напуштени објекти во градот и останатите населени места. Миграцијата град-село, транзицијата на општествениот капитал, а подоцна и масовното иселување во странство, се главни причини за ваквата состојба.

Еден од покарактеристичните објекти во сопственост на општината е управната зграда на некогашната земјоделска задруга Момин Преслап во селото Блатец. Таа се наоѓа во центарот на населбата, на површина од 1.950 квадратни метри, на две нивоа и дворно место со уште околу илјада квадратни метри..

Камен-темелникот на оваа зграда е поставен во почетокот на 20 век и таа е историски паметник од периодот на распадот на Отоманското Царство, а потоа и на политичките превирања за превласт во регионот на веќе оформените соседни држави помеѓу двете светски војни. Во тој период, токму во оваа зграда биле организирани училишта на македонски, турски, српски и бугарски јазик, а подоцна и простор за т.н. Соколана, во која се одвивале спортски активности и дружба на младите од Блатец.

По формирањето на заедничката југословенска држава, објектот на користење го добива задругата Момин Преслап, која со успешното работење овозможува брз економско-општествен развој на Блатец и на целиот регион. Пресуден момент за пропаѓање на објектот е почетокот на стечајната постапка во 2004 година. Задругата пропадна, а со тоа и објектот за кој од општинските служби во изминатите години најавуваа дека ќе се пренамени во дом за стари лица, за младински центар, во објект за планински туризам, во простор за ликовна колонија, во мултикултурен центар и слично. До сега ништо од тоа не е реализирано.

Управната зграда на некогашната земјоделска задруга во Блатец

Меѓу десетината заборавени објекти во сопственост на општината, свое посебно место има Спомен-домот во Виница. Станува збор за руиниран објект, повеќекатна зграда која се наоѓа во строгиот центар на градот со површина од 425 квадратни метри. Во моментов корисници на простор се една политичка партија и Здружението на борците од НОБ.

Од некогашно седиште на бројни субјекти на едно место во исто време: Социјалистичиот сојуз на работен народГрадската библиотека и читална Ванчо Прке, Шаховскиот клуб, ДООЕЛ Партнер, место за практикување јога и самопослуга на АД Винка, Спомен-домот останува само убав спомен во сеќавањата на постарите жители како важно собиралиште.

Спомен-домот во центарот на Виница пред пет децении и денес

Поранешниот мал спомен-парк со биста на народниот херој Ванчо Прке, со клупи за одмор и фонтана, на што виничани се присетуваат со носталгија,  заедно со распаднатиот Спомен-дом во позадина, се пример за негрижа и грда слика на градот и на главната улица.

Успешна операција на Источниот плански регион за спас на два објекта во Виница

Позитивни примери за зачувување и заштита од пропаѓање на два објекта и во Виница повторно се преку проекти на Центар за развој на Источниот плански регион.

„Со активностите на Центарот за развој, во рамки на проектот „Промоција на богатството на разликите и зачувување на културно-историското наследство во функција на регионалниот развој“, во Виница се инвестирани 3,5 милиони денари за реконструкцијата на објектот на старата турска бања, со што тој е пренаменет во галериски простор, работни простории за невладиниот сектор, сала за регионални настани и состаноци и канцеларии. Исто така, минатата година се инвестирани 25,5 милиони денари за целосна реконструкција на објект на општинскиот Дом на културата Тошо Арсов, познат како Старо кино, со што тој е заштитен од пропаѓање и вратен во функција“, истакна Зујица Ангелова.

Спротивно на тоа, во распаѓање се и други објекти во селските населби, а пример е селото Калиманци, во чиј атар на две крајпатни локации имаше училиште, мини амбуланта, пошта, канцеларија за матична служба, полициска станица, продавница и зграда за групно живеење. Овие напуштени објекти ја имаат и својата додадена вредност и поради тоа што се наоѓаат на надморска висина од 850 метри, во еколошки чиста средина, на уникатната висорамнина Калиманско Поле, со своја јужна ориентација на теренот и многу сончеви денови, и на чие североисточно подножје се простира најголемата вештачка акумулација на вода на истокот на државата, Калиманското Езеро.

Вистински заложби или предизборни политички флоскули за подобар живот

Денес,  Калиманско Поле е оставено само за себе, а селата Калиманци, Грлани и Црн Камен се во изумирање. Дали Општина Виница ќе успее од ресурсите да создаде нова перспектива на овој регион?!

Несомнено, напуштените македонски села можат да бидат предизвик за државата и на единиците за локален економски развој во општините, со реализирање на капитални инвестиции, како влог во економскиот развој и враќање на животот во руралните региони.

Во очекување на претстојните локални избори, се пројавува надеж дека овојпат политичките партии, конечно, во своите изборни програми навистина ќе имаат и конкретни проекти за овие напуштени објекти во интерес на заедницата.

* Александра Давиткова е активистка во Здружение за подобрување на животот на жителите на Месна Заедница Блатец.

** Тони Ајтовски е новинар.

***Локал Актив е онлајн медиум на локалните заедници од Источниот и Југоисточниот регион во РСМ, вклучително и на ранливите групи граѓани и граѓанските организации кои работат со нив.

Локал Актив е основан во рамки на проектот „Поттикнување на граѓанскиот ангажман во локалното владеење“, поддржан од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy) од САД. 

Локал Актив се надоврзува на активностите на Институтот РЕСИС за унапредување на комуникациските права на граѓаните на локално ниво, преку формирањето на Мрежата од совети на публики во која членуваат повеќе од 60 граѓански организации кои ги застапуваат правата на ранливите групи граѓани низ сите осум региони во РСМ.

Зачлени се на нашиот е-билтен