Универзитетскиот професор Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии го нарече предлогот за зголемување на старосната граница за пензионирање, неправеден и штетен за работниците.
Јовановиќ предупреди дека во Македонија просечниот животен век по пензионирањето изнесува само 10 години – меѓу најкратките во Европа.
„Ако границата за пензионирање се зголеми на 67 години, луѓето би живееле во пензија само 6 години, што е веројатно најкратко во светот. Во Австрија, на пример, пензионерите живеат во просек 18 години по пензионирањето, при граница од 63 години. Затоа, ваквиот предлог е прифатлив само ако животниот век во Македонија се доближи до 80 години,“ изјави Јовановиќ за МИА.
Јовановиќ објасни дека ефектите од зголемувањето на пензиската граница краткорочно ќе се влоши здравјето на работниците, ќе растат повредите на работното место и ќе се намали продуктивноста.
Наместо зголемување на границата, професорот предлага укинување на ослободувањата од даноци и придонеси, како и зголемување на придонесот за пензиско осигурување, но без намалување на нето платите. Формализирање на неформалната економија и креирање нови работни места со подобри плати.
„Придонесот за пензиско осигурување во Македонија е еден од најниските во Европа – 18%, намален од 21% во времето на Груевски. Зголемувањето на формалната вработеност и платите може значително да го зајакне Пензискиот фонд и економската активност,“ објасни тој.
Иако Фискалниот совет предложи зголемување на старосната граница и придонесите за периодот 2025–2029 година, Владата засега не го прифаќа овој предлог. Сојузот на синдикати на Македонија, исто така, изрази силен отпор, наведувајќи дека ваквите мерки ќе имаат негативен ефект врз работниците.