На 6 февруари 1945 година во битолската Гимназија, денес средно општинско училиште Гимназија „Јосип Броз Тито“-Битола, првпат во средно училиште се одржа наставен час на современ македонски јазик.
Во пресрет на историскиот ден, просветните работници од градот се мобилизирале да ги спроведат одлуките од Поверенството на АСНОМ донесени на седница од 2 септември 1944 година со јасни упатства од областа на просветата.
На првиот наставнички Совет со кој претседавал директорот Орде Печијаре, биле донесени шест одлуки, меѓу кои и одлуката, гимназијата свечено да биде отворена на 5 февруари, а на 6 февруари да се одржи првиот наставен час.
– Скромно украсената сала на гимназијата беше шумна. Се дигна завесата и молк. На бината се појави првиот директор на Гимназијата, Орде Печијаре. Тој објави дека Гимназијата започнува со редовна настава на македонски јазик. Одекна силен аплауз. Потоа претставниците на народната власт ги поздравија присутните и зборуваа за значењето,задачите и улогата на Гимназијата во ослободената татковина. Членовите на штотуку формираниот градски театар заедно со културно уметничка група при гарнизонот изведоа пригодна програма. Тогаш за прв пат стиховите на Константин Миладинов „Т’га за југ“, „Бисера“, „Голапче“ и други, како и стиховите на Кочо Рацин и убавиот мелос на македонските народни песни, ги растреперија срцата на присутните“, е запишано во јубилејна монографија на Гимназијата.
Во првата учебна година, редовната настава ја следеле 572 ученици во 13 мешани паралелки. Битолската Гимназија „Јосип Броз-Тито“, како тогаш, така и денес е во објект со голема историска и архитектонска вредност, заштитен споменик на културата. Во холот на гимназијата на мермерна плоча изложени се ликовите на пет народни херои Стеван Наумов-Стив, Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Кузман Јосифовски-Питу и Елпида Караманди кои учеле во гимназијата.
Учениците и наставниот кадар од секоја генерација со задоволство истакнуваат дека во гимназијата учеле и академиците Петре М. Андреевски, Томе Бошевски, Кирил Миљовски, Фанула Папазоглу, Коле Чашуле, Владо Камбовски, Љубен Лапе, Ѓорги Филиповски, Анте Поповски, Ѓорѓи Чупона, Михаил Петрушевски, Петар Серафимов,
Ристо Лозановски, Живко Попов, Димче Коцо, Александар Христов, Георги Константиновски и писателот Владимир Костов, почесен член на МАНУ.
СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“-Битола, годинава јубилејот го слави со повеќе културно образовни настани, промоции и свечена академија „Експериментум Македоникум“.