Каде е градоначалникот на Кочани? Не е меѓу приведените, Тошковски тврди дека немал одговорност

Градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, на пладневната прес конференција одби да одговори дали ќе поднесе оставка по трагедијата во дискотеката „Пулс“, каде што во пожар загинаа 51 лице на возраст од 17 до 25 години, а потоа веќе не се појави пред камерите на медиумите ниту пак на социјалните мрежи.

На прашањето кој дал дозвола за работа на објектот, Папазов најави дека ќе даде изјава на прес-конференција, без да открие детали, но следна изјава за медиумите не закажа. Тој потврди дека не бил приведен ниту распрашуван од истражните органи и дека во моментот е со министерот и обвинителите.

Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, пожарот избувнал поради употреба на пиротехнички средства за време на концертот на групата ДНК, предизвикувајќи стампедо меѓу околу 1.500 присутни.

-Согласно законските одредби кои досега ги анализравме, надлежен за издавање на предметна дозвола во рамки на постапување е Министерство за економија, надлежен за се’ што е поврзано со самите услови кои треба да се исполнат, а е поврзано со пожарите е Дирекција за заштита и спасување. Секој еден друг, за кој ќе утврдиме дека има соодветна незкаонитост во рамите на своето постапување, ке постапиме како и за другите. Досега немаме утврдена никаква одговорност на градоначалникот. Факт е, порано била издавана од општините, но со последните измени на законот, колку што знам дозовлите се издаваат од Министерство на економија. – вели Тошковски.

Директорката на болницата во Кочани, д-р Кристина Серафимовска, соопшти дека првиот повик за пожарот пристигнал во 2:48 часот, а за 30 минути била мобилизирана целата болница. Пристигнале 70 повредени со изгореници и труење од јаглерод моноксид.

Папазов, кој е избран за градоначалник во 2021 година како кадар на ВМРО-ДПМНЕ, не даде конкретен одговор за евентуална одговорност, нагласувајќи дека повеќе информации ќе сподели на прес-конференцијата.

Дискотеката „Пулс“ се наоѓала во приземна куќа со само еден прозорец со решетки и мал влез, сместена на улица со густо наредени куќи.

Зачлени се на нашиот е-билтен