Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Каде е колективната одговорност за бегството на Груби, ќе поднесе ли Тошковски оставка?

Случајот со бегството на Артан Груби продолжува да ја бранува јавноста, откако Министерството за внатрешни работи информира дека двајца полициски службеници од граничниот премин „Долно Блаце“ ќе се соочат со дисциплински постапки. Еден од нив, задолжен за пасошката контрола, не ја испочитувал целата постапка, не почекал системот да ги даде потребните информации и му го вратил пасошот на Груби, иако за него имало активна мерка „задржи и веднаш извести“. Другиот, раководител на смената, ги задолжил своите колеги со мобилни системи за снимање (МССК) со испразнети батерии, што дополнително ги усложнило околностите.

Опозициската СДСМ реагираше на ваквите пропусти, упатувајќи директни прашања до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. „Министре, батериите ли се криви за бегството на Груби?“ гласи прашањето на партијата, која обвинува за сериозно нефункционирање на системот и можни договори меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за овозможување на бегството.

Од партијата велат дека пропустите на граничниот премин „Блаце“ ја изнеле на виделина неспособноста или намерната неактивност на службите. Како доказ, наведуваат дека МВР поставило мобилна контрола на кружниот тек пред преминот три дена пред Груби да ја напушти земјата, но полицијата добила инструкции само по неговото заминување. „Ова покажува две можности – целосна неспособност да се спречи бегството или, што е поверојатно, намерно игнорирање на наредбите за задржување,“ истакна организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски.

СДСМ најавува дека денеска ќе објави нови информации и индиции добиени од свиркачи, кои, како што велат, дополнително ќе потврдат сомнежи за вмешаност на високите структури на МВР во бегството. „До кога министерот ќе ја замајува јавноста со изговори и кога конечно ќе преземе одговорност за катастрофалното функционирање на институциите?“ прашуваат од опозициската партија.

Груби и ексдиректорот на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, од вчера официјално се прогласени за бегалци, а по нив е распишана меѓународна потерница. Двајцата се осомничени за проневера на над осум милиони евра од буџетските средства во случајот „Лотарија 2023“, заедно со уште четири лица. Кривичниот суд во Скопје им одреди 30-дневен притвор, кој ќе биде активиран по нивното пронаоѓање и приведување.

СДСМ ја повикува Владата и премиерот да го повлечат министерот Тошковски и да го санкционираат целиот ланец на одговорни лица, кои со своите постапки или небрежност придонеле за бегството на Груби. Според нив, ваквите скандали ја разнишуваат довербата на граѓаните во институциите и отвораат сомнежи за политички договори на штета на правдата.

Зачлени се на нашиот е-билтен