Европската унија и понатаму се соочува со постојан раст на трошоците за домување, покажуваат најновите податоци на Евростат.
Во последниот квартал од 2024 година, цените на недвижностите во ЕУ се зголемени за 4,9%, а кириите за 3,2% во споредба со истиот период претходната година.
Иако во седум земји на ЕУ (Германија, Франција, Луксембург, Австрија, Романија, Финска и Шведска) растот на цените бил понизок од стапката на инфлација, во останатите држави тие ја надминале инфлацијата.
Во периодот од 2010 до 2024 година, цените на недвижностите пораснале повеќе отколку кириите во 21 земја од ЕУ. Во овој временски распон, цените се повеќе од тројно зголемени во:
Унгарија (+234%)
Естонија (+228%)
Силно зголемување е забележано и во:
Литванија (+187%)
Летонија (+153%)
Чешка (+142%)
Португалија (+120%)
Бугарија (+115%)
Австрија (+112%)
Луксембург (+105%)
Најголем исклучок од овој тренд е Италија, единствена земја каде цените на недвижностите се намалиле – за 4%.
Цените на кириите пораснаа речиси насекаде
Во истиот период, кириите се зголемиле во 26 од 27 земји на ЕУ. Најголем раст имаат:
Естонија (+212%)
Литванија (+175%)
Унгарија (+114%)
Грција е единствената држава каде кириите опаднале – за 13%.
Силни регионални разлики во Германија
Иако статистиката покажува општ раст, податоците криеја значајни регионални разлики, особено во Германија. Во најголемите германски градови – Берлин, Дизелдорф, Франкфурт, Хамбург, Келн, Минхен и Штутгарт – се забележани падови во цените, најмногу во централните зони.
На пример, од 2022 година, цените во центарот на Хамбург паднале за 17,8%, додека на периферијата само за 11,8%. Слично и во Дизелдорф – во центарот пад од 17,5%, на периферијата 12,4%.
Стручњаците укажуваат дека промените во начинот на живот и растот на каматните стапки имаат значајно влијание.
„Зголемувањето на каматните стапки по 2022 година ги поттикна купувачите да бараат поевтини, но потенцијално поризични имоти надвор од централните градски подрачја. Воедно, инфлацијата го намали реалниот приход, поради што многумина веќе не можат да си дозволат станови во центарот“, вели Јонас Здралек од Институтот за светска економија во Кил.