Севилја денес привлекува повеќе од три милиони посетители годишно, што ја става на третото место меѓу најпосетените градови во Шпанија, веднаш зад Мадрид и Барселона. Но, за да разбереме како овој град на југот од Пиринејскиот Полуостров стана една од најатрактивните туристички дестинации, мора да се вратиме 33 години наназад – во 1992 година.
За Шпанија, 1992 година беше „чудесна година“. Барселона беше домаќин на Летните олимписки игри, Мадрид ја доби титулата Европска престолнина на културата, а Севилја ја организираше Светската изложба (ЕКСПО), која се одржа од 20 април до 12 октомври. Овој настан беше од исклучително значење за Шпанија, а влијателниот „Ел Паис“ тогаш напиша: „Ако не сте биле на Олимписките игри или на ЕКСПО, тогаш не сте биле никаде во 1992“.
ЕКСПО 1992 беше пресвртница за Севилја, која до тој момент беше занемарена во однос на инфраструктурата и економскиот развој. Под темата „Ерата на откритијата“, манифестацијата го одбележа и 500-годишниот јубилеј од откривањето на Америка од страна на Колумбо, привлекувајќи 108 земји-учеснички. За шест месеци, островот Картуха на реката Гвадалкивир, каде што се одржуваше изложбата, го посетија речиси 42 милиони луѓе – бројка што тогаш беше неверојатна.
Посетеноста на ЕКСПО 1992 ја надмина двојно очекуваната, а периодот од април до октомври 1992 година се смета за најдинамичните шест месеци во историјата на Севиља.
Оваа изложба не само што привлече милиони туристи, туку донесе и невиден инфраструктурен развој. Специјално за неа беа изградени автопатот А-92, кој и денес е главната сообраќајна артерија во Андалузија, и брзата железничка линија меѓу Севиља и Мадрид, со возови што се движат со 300 км/ч. Додавањето на нови обиколници, нов терминал на аеродромот и реновирање на постојните капацитети ја направија Севиља подостапна за домашните и странските туристи.
Истражувањата покажуваат дека во периодот од 1960 до 1990 година, бројот на патници на аеродромот во Севилја скокнал од 97.000 на над 1.630.000, што ја докажува улогата на ЕКСПО 1992 во туристичкиот раст.
ЕКСПО 1992 не само што го постави темелот за туристичката стратегија на Севилја и Андалузија, туку го дефинираше и модерниот туристички идентитет на градот. Денес, повеќе од три милиони туристи годишно, главно од САД, Франција, Португалија, Велика Британија, Германија и Италија, ја посетуваат Севилја, уживајќи во нејзиниот културен и историски шарм.
Како што Севилја стана глобална дестинација по ЕКСПО 1992, така и Србија верува дека ќе го искористи потенцијалот на претстојниот ЕКСПО 2027 во Белград. Организаторите гледаат на примерот на Севилја како модел што треба да се следи, со надеж дека настанот ќе ја зајакне инфраструктурата, ќе го поттикне туризмот и ќе ја стави Србија на мапата на светските туристички центри.