Како најдобро да се искористат придобивките од Планот за раст за Западен Балкан: Шанса регионот да се приближи до ЕУ

Asurnipal, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons
Asurnipal, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

Советот на амбасадори денеска во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија организираше тркалезна маса за Планот за раст на Западен Балкан, пред лидерскиот Самит во Скопје, чиј домаќин ќе биде премиерот Христијан Мицкоски, на кој ќе се дискутира новиот План за раст на ЕУ и за придобивките кои земјите од регионот можат да ги искористат со цел да ги зајакнат економиите и да го зајакнат процесот на интегрирање пред се кон европскиот економски пазар.

Амбасадорот Зоран Јолевски истакна дека приватниот сектор очекува од овој економски план за раст големи придобивки.

-Приближувањето кон единствениот пазар на ЕУ е мошне значајно, во предвид е и регионалниот заеднички пазар, којшто е вториот столб на овој план. Приватниот сектор даде некои предлози, на пример еден од интересните предлози е тоа што договорот преговара одредени спогодби со трети земји да се создаде можност земјите од регионот, вклучувајќи ја и Македонија, да може да се приклучат на овие преговори, рече Јолевски.

Како што посочи, приватниот сектор сака да види хармонизирање на царинската легислатива со таа на ЕУ, односно тарифите постепено да се хармонизираат, што е мошне значајно за конкурентност и додаде дека оттаму изразиле желба да бидат консултирани во разговорите што ги носи новата легислатива на ЕУ со цел да бидат подготвени за тоа.

Истакна дека целта е земјите од регионот да се приближат во единствениот пазар и да се намалат разликите во стапките на економскиот раст меѓу ЕУ и регионот.

-За разлика од некои претходни иницијативи за зајакнување на економиите во регионот од страна на ЕУ, овој последен план е прилично сериозно и сеопфатно направен ако на тоа го додадеме и Акциониот план за создавање регионален економски пазар што беше донесен во Берлин и ова создава предуслови за земјите да направат силни чекори напред и да можат да ги исполнат условите и да ги искористат овие средства, бидејќи она што е кажано средствата на некој начин се условно дадени, и имаме одредени реформи што можеме да ги направиме и со самото правење на тие реформи ние ќе успееме и да ги повлечеме овие средства, истакна Јолевски.

Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски истакна дека целта на Планот за раст чија вредност е шест милијарди евра е да му помогне на регионот социјално и економски да се приближи до ЕУ и да помогне во забрзување на процесот на приклучување на ЕУ и да ги поттикне економиите на Западен Балкан.

Истакна дека главен момент кој се акцентира е намалување на економскиот јаз на Западен Балкан и ЕУ.

-Во моментов, економиите на Западен Балкан се на околу 35 проценти од просекот на ЕУ. Многу е важно е и да се има предвид дека земјите од ЗБ, еве да ја земам пример нашата земја, нашата Влада презема чекори да изнајде дополнителни средства за поголеми инфакструктурни проекти, кои ќе претставуваат посериозен придонес во развојот на економијата во поврзувањето на земјите од ЗБ, оцени Димитровски.

Амбасадорот на Полска во земјава Мариуш Бримора истакна дека ЕУ е посветена на политиката на проширување, која има цел да ги постигне безбедносните цели на Унијата, и затоа, истакна, дека прашањето за проширувањето е во фокусот на интересот на ЕУ.

Полското претседателство го поддржува проширувањето базирано на заслуги, бидејќи денес повеќе од кога и да е, прифаќањето нови членки е геостратешка инвестиција во мир, стабилност и просперитет.

-Во однос на Северна Македонија сакам да ја повторам пораката испратена токму тука од Скопје од претседателот на Советот на ЕУ Антонио Кошта и високата претставничка на ЕУ Каја Калас – којашто беше дека ЕУ стои цврсто зад Северна Македонија на вашиот пат во ЕУ. Претседателството ја реафирмира подготвеноста да се одржи втора меѓувладина конференција без натамошни одложувања и без други политички одлуки откако ќе се исполнат сите обврски за да продолжи процесот, рече Бримора.

Тој ја поздрави имплементацијата на Планот за раст на Западен Балкан кој, посочи, има потенцијал да придонесе за натамошна имплементација на реформите.

Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков истакна дека реформите не се само формалност, туку суштински ангажман во подобрување на животниот стандард на сите граѓани.

-Потребно е сите ние, земјите од Западен Балкан да се фокусираме на имплементација на реформите со цел да ги подобриме состојбите, а со тоа и животот на нашите граѓани кои заслужуваат европски живот-дома. За мене и Владата која ја претставувам, реформите не се само формалност, туку суштински ангажман во подобрување на животниот стандард на сите граѓани. За тоа е потребна посветеност, но пред сè, волја да се помогне во секоја сфера на општеството, истакна заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков на траклезната маса којашто денеска се организираше во пресрет на состанокот на лидерите на земјите од Западен Балкан за Планот за раст на ЕУ кој ќе се одржи на крајот на јуни.

Истакна дека патот до ЕУ како што знаеме не е лесен, но за нас е единствен.

-Тој пат бара од нас да ја покажеме силната желба и детерминираност дека ние не само географски, туку и природно-припаѓаме во ЕУ. Мора да покажеме дека нашиот долгогодишен сон сакаме да стане јаве и тоа час поскоро, смета Трајков.

Нагласи дека нашата држава е првата земја од регионот која ги доби средствата за предфинансирање во рамките на Инструментот за реформи и раст на Европската комисија во висина од 52,4 милиони евра, од вкупно 750 милиони евра колку е предвидено да се алоцираат за нас согласно Планот за раст.

Појасни дека во Годишниот извештај за имплементацијата на Реформската агенда што е доставен до Европската комисија е даден јасен и детално разработен приказ за досегашните конкретни постигнувања, мерливи резултати и амбициозни планови за следниот период.

-Интензивно се работи и на реализација на чекорите за периодот до јуни годинава, поточно 16 чекори, со вредност од околу 70,6 милиони евра. Овие чекори предвидуваат активности во важни области како што се подобрување на кибер-безбедноста, целосна транспозиција на европските директиви за енергетскиот пазар, усвојување на нов Закон за електронски комуникации, подобрување на управувањето со електронски документи и архивски материјали, како и зголемување на бројот на инспекции на пазарната и трудовата инспекција со фокус на градежништвото, туризмот и земјоделството, понатамошни реформи во правосудниот сектор…, рече Трајков, додавајќи дека во наредниот период, покрај спроведувањето на реформите од Реформската агенда, фокусот e ставен и на формирање на национална структура за мониторинг, известување и евалуација.

Зачлени се на нашиот е-билтен