Денеска паркингот во реонскиот центар Аеродром, од ПСС до „Жито маркетот“, блесна од чистота. Нема ѓубре, сите хаварисани возила кои со години „печеа“ на сонцето се отстранети, а просторот е целосно исчистен. Сето ова се случи за да го дочека присуството на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт и врски Александар Николоски, в.д. градоначалникот и кандидат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Митески, и уште неколку „видни“ гости на поставувањето на камен-темелникот на новиот маркет „Лидл“.
Жителите на Аеродром се навредени од ваквата изненадна активност на општината. На социјалните мрежи беше објавена фотографија и порака од Фејсбук групата „Ново Лисиче“:
„Денес, поради присуството на премиерот Мицкоски, Општина Аеродром за еден час ги собра сите хаварисани возила и го исчисти целиот паркинг и околината околу градежната парцела. Четири години како граѓани бараме дислокација на хаварисаните возила, собирање на сметот, решавање на проблемот со дивите продавачи, но Општината не покажа волја да го реши тоа. Денес, општината покажа дека приоритет им се поединци и бизнис интереси, а не граѓаните од кои добива легитимитет“, пишува во објавата.
Овој случај не е единствен. На крајот на јуни, кога министерот за култура Зоран Љутков присуствуваше на презентација на мултимедијален центар во Ново Лисиче, паркингот и приодните патеки, кои обично се полни со ѓубре, исто така беа привремено исчистени. Тогаш, министерот беше доведен до скалите со автомобил, за да не мора да се справува со редовно преполните контејнери на патеката.
Жителите постојано апелираат за редовно одржување на паркинзите, зеленилото и чистотата во нивниот реон, но досега освен кампањски акции за чистење, нивните повици остануваат игнорирани.