Претседателот на Владата на Северна Македонија Христијан Мицкоски, доцна синоќа од Тирана на социјалните мрежи објави фотографија од заедничката средба на лидерите на Западен Балкан со првенците на Европската Унија.
Во објавата Мицкоски напиша:
Вечерва ЕУ и Западен Балкан на иста маса. Утре е убав и голем ден за Македонија за нејзиниот развој и безбедност.
Неколку часа претходно, исто така на социјалните мрежи, премиерот соопшти:
Со Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта патуваме во Тирана, на самитот на Европската политичка заедница, каде имам средба со премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер со добри вести за Македонија.
Овие објави го поставуваат прашањето каква добра вест најавува Мицкоски од Тирана и зошто денеска е голем ден за Македонија?
Како што е познато, претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска ќе учествува на 6. Самит на Европската политичка заедница во Тирана на која што ќе присуствуваат шефови на држави и влади на 47 европски земји.
На овој самит главна тема е безбедноста и заедничката визија за иднината на Европа под слоганот „Нова Европа во новиот свет: единство – соработка – заедничко дејствување“
Вчера Мицкоски му беше домаќин на претседателот на Советот на Европа Антонио Кошта кој порача дека Владата на Северна Македонија „треба да го испорача она што е договорино во 2022 година и дека нема простор да се бара нешто повеќе“, додека македонскиот премиер ги повтори старите ставови дека нема уставни измени без гаранции од Бугарија дека нема да има нови блокади.