Нема повредени во пожарот во Домот за стари лица. Сите се добри, без повреди од изгореници, информираше денеска директорката на Општа болница Кавадарци Гордана Камчева, по пожарот во Домот за стари лица во кавадаречкото село Чемерско.
- Во моментов не се пожалија на вдишување на чад. Бевте тука, сите се пречекани од здравствени тимови, од екипа од лекар, сестра, болничар, пренесени, транспортирани и во моментот се веќе на трети кат со дополнителни прегледи, појасни директорката.
ЈЗУ Општа Болница со проширена дејност Кавадарци изрази огромна благодарност најпрво до пожарникарите од ТППЕ Кавадарци, кои со брза интервенција се справија со пожарот кој изби во Домот за стари лица во село Чемерско, до ОВР Кавадарци, здравствени институции и до сите инволвирани на местото на настанот, кои веднаш одговорија на повикот за транспорт на сите пациенти кои беа згрижени во оваа институција.
- Известуваме дека сите пациенти се во добра здравствена состојба и привремено ќе бидат сместени во нашата здравствена установа, соопштија од Болницата.
Пред болницата беше и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, кој информираше дека со добра организација евакуирани се сите корисници на услугите во домот.
- Органзирани сме во делот на брза помош од Свети Николе, Велес, Кавадарци, Неготино, Противпожарната единица од Кавадарци исто така. Евакуацијата беше навремена и навремено беше организиран превоз за да може да ги донесеме во Општа болница. Сите пациенти ќе бидат прегледани, ќе бидат сместени во Општата болница Кавадарци, изјави Јанчев.
Дел од мештаните помогнале во евакуација на луѓето.