Каракашев – На лозарите им се случува грабеж и манипулација, Трипуновски да каже колку е производната цена на грозјето

Овие цени се срамни, понижувачки и неприфатливи и ќе резултираат со огромен револт кај лозарите

На лозарите им се случува грабеж и манипулација, оценува Националната земјоделска мрежа како реакција на министерот за земјоделие Цветан Трипуновски по објавата на цените на вранецот и смедеревката за новата реколта.

Трипуновски најави дека се постигнати рекордни откупни цени – Вранец: 21,3 денари/кг и Смедеревка: 18,9 денари/кг.

На ова претседателот на Националната земјоделска мрежа Ѓорги Каракашев бара од министерот да ја соопшти производната цена на грозјето.

Почитувани лозари,

Денеска лично од министерот Трипуновски бевме во можност да ја слушнеме овогодишната откупна цена за двете најзастапени сорти на винско грозје од сортата Вранец по цена од 21 ден за кг и сортата Смедеревка по цена од 19 ден по кг грозје.

Како Национална земјоделска мрежа, упатуваме јавен повик до ресорниот министер без одлагање јавно да ја сподели производната цена на овие вински сорти грозје како и методологијата и институцијата која ги има изготвено истите.

Потсетуваме и укажуваме дека според Законот за вино тоа е законска обврска и никој па ни Министерството за земјоделие не сме да не ги почитува овие законски обврски.

Според нас како НЗМ овие цени се срамни понижувачки и неприфатливи и ќе резултираат со огромен револт кај лозарите.

Во ова прилика исто така укажуваме дека грозјето во нашата држава не е стратешки производ и дека државата мора да најде начин за слободен проток на луѓе и стоки според ЦЕФТА договорот и во никој случај не смее да поставува ограничување во пласман на винското грозје во околните држави каде цените на истото во минатата година се движеа од едно до две евра по килограм винско грозје.

Не може и не смее повеќе да се толерира монополскиот и картелскиот однос на одредени винарии кои за волја на вистината продават премиум вина и освојуваат врвни светски признанија, а на штета на чесниот и макотрпен труд на лозарите. Ние како Национална земјоделска мрежа ќе застанеме цврсто и одлучно во одбрана на интересите на лозарите.

Извор: Зелена берза

Зачлени се на нашиот е-билтен