Македонското овчарско куче „Караман“ е официјално вклучено во меѓународниот регистар на кинолошки раси, со што станува дел од 378-те признати светски раси на кучиња. Со ова, се потврдува статусот на Македонија како земја со автентично и богато кинолошко наследство.
Претседателот на Кинолошкиот клуб „Македонско овчарско куче – Караман“, Илија Ико Каров, за МИА изјави дека станува збор за долгогодишен процес кој траел повеќе од две децении и претставува резултат на упорност, визија и посветена работа.
„Ова е патешествие долго 20 до 25 години. Денес можеме да кажеме дека еден од нашите живи симболи конечно е меѓународно признаен и гордо го носи името на Македонија“, изјави Каров, додавајќи дека ова не е индивидуален успех, туку резултат на заедничка работа и истрајност.
Според него, расата потекнува од автохтоните планински овчарски кучиња кои со векови се користеле за чување стада низ македонските планини. Процесот на нејзино дефинирање и селекција бил постепен и научно поддржан.
Каров нагласува дека караманот е исклучително лојално и природно куче, создадено преку природна селекција.
„Сè што направивме беше да го систематизираме она што планината веќе го создала“, вели тој.
Еден од најголемите предизвици, според него, е намалувањето на сточарството и напуштањето на руралните средини, што го отежнува пронаоѓањето на чистокрвни единки.
„Со исчезнувањето на селата се намалува и бројот на автохтони примероци, што го отежнува понатамошниот развој на расата“, истакнува Каров.
Во процесот на признавање биле спроведени и научни истражувања на Ветеринарниот факултет во Скопје, кои покажале јасни морфолошки и генетски разлики помеѓу караманот и шарпланинецот.
Според истражувањата, утврдени се значајни разлики во структурата на черепот и ендокранијалниот волумен, кои достигнуваат и до 40–60 проценти.
Дополнително, генетските анализи потврдиле дистинктивни разлики во ДНК профилите, што според истражувачите укажува дека станува збор за две одделни раси.
Караманот првпат бил официјално претставен во 2010 година, а една година подоцна добил и поштенска марка како признание за неговото културно и природно значење.
Со неговото вклучување во светската кинолошка федерација, Македонија добива уште едно признание за зачувување на автохтони раси и природно наследство.