Каранфилова-Пановска: Погрешните политики на власта го засилуваат иселувањето на младите

Заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова Пановска, на обраќањето пред младите социјалдемократи на традиционалниот младински камп „Трајче Нешковски“ во Охрид остро ја критикуваше власта на ВМРО-ДПМНЕ за погрешните политики и уништувањето на перспективата на младите, се вели во соопштението од СДСМ, што МИА го пренесува интегрално.

„Партизацијата  на институциите е груба и на секое ниво. Стручни и квалитетни млади кандидати се отфрлаат, местата се полнат со партиски кадри. Младите немаат шанса дома да ја градат својата иднина, ВМРО-ДПМНЕ ја уништува последната надеж кај младите дека можат да се вработат според знаење и квалификации,“ рече таа.

Таа укажа и на алармантните податоци за намалување на бројот на вработени лица за над 17.000 луѓе од 2024 година наваму:

„Ова не се само  алармантни бројки. Тоа е вистината зад илјадници човечки судбини, за нашите млади кои заминуваат, за уништени надежи за иднина во сопствената земја,“ рече заменик-претседателката на СДСМ.

Каранфилова Пановска потсети дека помина повеќе од една година откако ВМРО-ДПМНЕ ја презеде власта а ниту едно од ветувањата за младите не се исполнети. 

„Младите се заборавени и маргинализирани. Европската перспектива на земјата е целосно блокирана, иднината неизвесна. Погрешните политики на власта допринесуваат иселувањето на младите да се засилува“ нагласи Каранфилова-Пановска.

Заменик претседателката истакна дека СДСМ е партијата која секогаш стои на страната на младите.

„СДСМ верува во вас, во вашата енергија, знаење и идеи. Ние сме тука да ви отвориме врати во партијата, да ве слушаме и да ви овозможиме да бидете двигатели на промените во општеството,“ порача таа.

„Македонија мора да биде земја во која успехот зависи од способноста и знаењето, а не волјата на власта. Заедно ќе се бориме за оваа цел “ потенцираше Каранфилова-Пановска во своето обраќање.

Зачлени се на нашиот е-билтен