Сѐ што им ветуваше ВМРО-ДПМНЕ и Мицковски на граѓаните во предизборието, со политиките кои ги спроведуваат пост-изборно во овие шест месеци се демантираа себе си, односно докажаа колку предизборните ветувања биле лажни, посочи заменик претседателката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фани Каранфилова Пановска, во интервју за Локално.
Говорејќи за политиките на власта, Каранфилова Пановска рече дека ДПМНЕ за шест месеци уништи се што СДСМ имаше спроведено како добри политики од кои граѓаните беа задоволни.
„Квази-патриотските и националистичките ветувања за враќање на „гордоста“ на македонските граѓани, онака како што тие погрешно ја разбираат за жал, паднаа во вода. Животниот стандард на граѓаните е срозан, граѓаните имаат се помалку пари во џебовите само затоа што ВМРО одлучи да не продолжи со политиките на СДСМ за покачување на минималната и просечната плата, воведе мерки за наводно намалување на цените, кои освен бум на цените на основните производи и повеќе профити на трговците и бизнисот, не донесоа ништо друго“, рече Каранфилова Пановска.
При тоа, Каранфилова Пановска посочи дека додека платите на работниците се замрзнуваат, ДПМНЕ се грижи за порастот на платите на своите функционери во власта, иако во предизборието ветуваше нешто сосема поинаку.