Кардиохирургија во криза: Недостиг од кадар на државната клиника

Министерството за здравство започна истрага за потенцијални неправилности кај осум кардиохируршки интервенции извршени во приватни здравствени установи, потврди министерот Азир Алиу. Случаите, кои го вознемирија јавноста, ќе бидат предмет на анализа од новоформирана интерна комисија во министерството, во која ќе учествуваат и странски експерти.

„Формиравме интерна комисија составена од лекари, правници и економисти, со цел детално да се разгледаат сите медицински досиеја и да се утврдат фактите врз основа на професионални и етички стандарди“, изјави министерот Алиу на денешната прес-конференција.

Комисијата утре ќе го одржи својот прв состанок, а постои можност во неа да се приклучат и експерти од Словенија, Италија и Австрија. Покрај ова, Министерството побара и вонреден стручен надзор од Лекарската комора за истите случаи.

Министерот потврди дека сите осум досиеја се доставени од една јавна здравствена установа, а не по иницијатива на самите пациенти. Истрагата е иницирана по сериозните обвинувања што минатиот месец ги изнесе кардиологот проф. д-р Сашко Кедев, кој алармираше дека во приватни болници се изведуваат непотребни кардиохируршки интервенции, наводно исклучиво за финансиска добивка.

Министерот Алиу се осврна и на тековниот проблем со недостиг од стручен кадар на Клиниката за кардиохирургија во Скопје. Како што посочи, поради недостаток на специјалисти, во моментов не се вршат интервенции и трансплантации.

„Недостиг од кадар не постои само на Клиниката за кардиохирургија – тоа е системски проблем кој ги засега речиси сите клиники. Веќе преговараме за билатерален договор со Словенија, со цел нивни доктори да доаѓаат кај нас, а нашите лекари да добијат можност за стручна размена во странство“, изјави Алиу.

Овој предлог, според него, е во рана фаза и би можел да резултира со размена на медицински кадар во траење од три до шест месеци.

Зачлени се на нашиот е-билтен