Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) по неколкумесечно истражување утврди дека десет осигурителни компании во Македонија договарале цени, со што го нарушиле пазарот и ја оштетиле јавноста.
Според КЗК, компаниите во април 2024 година усогласено ја зголемиле продажната цена на премиите за автоодговорност, дел од задолжителните давачки при регистрација на возилата. Комисијата спровела увиди во службените простории и комуникацијата на компаниите, при што пронашла докази за координирано поскапување.
Доколку прекршочната постапка потврди дека е направен пазарен прекршок, компаниите ќе се соочат со санкции.
Во осигурителниот сектор, „Македонија осигурување – Виена иншуренс груп“ со спојувањето со „Винер“ стана најголем пазарен играч со 17,63% удел. Следат „Триглав“ (12,37%), „Уника“ (11,47%) и „Еуролинк“ (11,41%).
Очекувањата за 2025 година се стабилен пазарен раст, иако осигурителните компании предупредуваат на можни ценовни притисоци и високи каматни стапки.