Казна од 2.450 евра за операторот со храна по утврдено присуство на бактерии во училишната кујна во Карпош

Операторот со храна што ја снабдува кујната во основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопската општина Карпош е казнет со вкупно 2.450 евра, откако голем број ученици пројавија симптоми на труење со храна, а дел од нив беа хоспитализирани. Санкцијата следува по вонредните контроли на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), кои потврдија сериозни пропусти во хигиената и безбедноста на храната.

Покрај училиштето каде што беше пријавен инцидентот, АХВ изврши и дополнителни контроли во уште девет училишта во Карпош во кои стопанисува истата фирма. Во еден од намазите што се служеле на учениците било утврдено присуство на бактеријата ешерихија коли, поради што производот веднаш бил повлечен од употреба.

Според АХВ, операторот со храна добил две парични казни од по 900 евра во денарска противвредност – 600 евра за самата фирма и 300 евра за одговорното лице. Дополнително, поради непоседување сертификат за завршен хигиенски курс кај едно лице и недостаток на соодветни технички услови во две училишни кујни, меѓу кои и недостиг од топла вода, изречени се уште 650 евра казни.

Во меѓувреме, сите вработени во кујната се упатени на вонредни здравствено-санитарни прегледи. Кујната ќе остане затворена сѐ додека не пристигнат лабораториските резултати што треба да потврдат дека подготовката на храна е повторно безбедна.

Претходните анализи на Институтот за јавно здравје открија присуство на бактерии на три чешми во училиштето – две во училници и една во самата кујна – како и во порцијата мусака што била послужена во денот на инцидентот. Наодите упатија на сериозни пропусти во хигиенските стандарди.

По наредба на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, во текот на викендот во училиштето беше спроведена дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Родителите, револтирани од случувањата, побараа јасен и траен механизам за редовна контрола и засилен санитарен надзор, како и гаранции дека здравјето на нивните деца ќе биде целосно заштитено.

Зачлени се на нашиот е-билтен