Сите трговци, од мали до големи, имаат обврска редовно да ги објавуваат цените на своите веб-страници и да ги ажурираат соодветно.
ИТ-компаниите се надеваат дека ќе успеат да развијат апликација која ќе им овозможи на граѓаните да ги следат актуелните цени на производите во маркетите. Апликацијата би работела така што, при внесување на името на производот, ќе прикажува кој маркет ја нуди најевтино цената.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, предлагаат решение инспирирано од Израел, кое ќе го принуди секој производ да има истакната цена на амбалажата или, ако тоа не е возможно, цената мора да биде јасно видлива на артиклот или на страната на маркетот. Мали и средни трговци, како и големите, ќе треба редовно да ги ажурираат цените на своите интернет-страници, а трговците со повеќе објекти ќе треба да објавуваат цени поединечно за секој објект.
Ова законско решение се очекува да доведе до поголема конкуренција и пониски цени, особено во секторот за прехранбени производи.
Меѓутоа, ИТ-инженерите имаат резерви за функционалноста на ова решение. Тие напоменуваат дека, иако младите ќе имаат лесен пристап преку паметни телефони, таблети и компјутери, постарите лица може да имаат проблеми со користењето на оваа технологија.
Во исто време, пекарите и слаткарите, особено помалите, се загрижени дали новите прописи ќе се однесуваат и на нив, и дали ќе мораат секојдневно да ги ажурираат цените на нивните производи.
Не верувам дека на тој начин би се намалиле цените, бидејќи и сега постојано се расправаме околу цените со продавачите и во големите маркети кои се различни на рафтот, а различни во компјутерот за наплата. Што ќе смени ако се на сајт и дали треба јас да губам време прво на сајтовите, а потоа да споредувам во маркет, вели жителка на Ѓорче Петров.
Според пензионерот Здравко Т. потребно е да има голем број на инспекции, да ги контролираат цените, тоа ќе воведе некој ред.
-Инспекторатот спие, се имам јавувано да пријавам десоледности во цените, тие ми велат пратете меил. Во ред пратив меил и наместо да излезат ан терен ми вратија дека приговорот ќе биде прифатен ако им испратам фискална сметка од купените продукти, а јас всушност се жалев дека има недоследни цени и дека не ги купив продуктите. Сето тоа премина во една досадна преписка и се откажав од нови пријавувања. Навистина не знам што работат тие инспектори, вели тој.
Законот за заштита на потрошувачите, кој е во собраниска процедура, е предложен од парламентарното мнозинство. Пратеникот Бојан Стојановски истакна дека мерките се насочени кон заштита на стандардот на граѓаните. Од една страна, ќе се обезбеди јавност за цените преку веб-страниците на маркетите, а од друга, се предвидува активен надзор од инспекциските служби кои ќе санкционираат неспроведување на обврските.