Ќе донесе ли пониски цени Законот за нефер трговски практики кој стапува на сила од 1 јануари

Од 1 јануари 2025 година, стапува на сила Законот за нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи, кој има за цел да ги намали цените на околу 2.500 производи, ограничувајќи ја профитната маржа на трговците на максимум 10%.

Што предвидува Законот?

-Ограничување на рабатите.
-Забрана за наплата на дополнителни трошоци за маркетинг, репрезентација и истакнување на производи на полици.

Кој ќе го спроведува Законот?

Контролата на примената ќе ја врши Комисијата за заштита на конкуренцијата, која ќе поведува прекршочни постапки за непочитување на одредбите. Предвидени се казни од 20.000 евра за големите трговци и 350-500 евра за одговорните лица. Полесните прекршоци носат казни до 6.000 евра.

Министерот за економија, Марјан Ристески, посочи дека досегашниот мониторинг открил 26 нефер практики. Според него, Законот ќе ја регулира ценовната политика, ќе заштити домашните производители и ќе го стабилизира животниот стандард на граѓаните.

Што велат економистите?

Експертите предупредуваат дека пред примената на Законот треба да се анализираат факторите што влијаат на цените – дали се високи маржите или набавните цени. Според нив, ограничувањето на маржите може да доведе до намалување на асортиманот на производи, особено на оние со пократок рок на траење.

Предизвици со надзорот

Претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија предупреди дека Комисијата за заштита на конкуренцијата нема доволно капацитет за спроведување на овој закон. Се предлага Пазарниот инспекторат, кој е постојано на терен, да има поголема улога во надзорот.

Законот отвора надеж за подобрување на трговските практики, но неговата успешност ќе зависи од ефективната контрола и соработка меѓу институциите.

Законот за забрана на нефер трговски практики беше донесен на 20 март 2024 година. Трговците и добавувачите имаа рок од шест месеци да ги усогласат договорите, односно да склучат нови договори, не подоцна од 27 септември 2024 година.

Контролата за промена на овој Закон ја врши Комисијата за заштита од конкуренција. Првите три месеци по стапувањето на сила на законот, ќе има само опомени, без казни. Во тој период е предвидена соработка со компаниите за да утврди дали се правилно склучени договорите односно дали се опфатени соодветно одредбите од законот.

Зачлени се на нашиот е-билтен