Она што остана од одземениот имот на поранешниот премиер Никола Груевски и на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, наскоро ќе се најде на продажба. Проценетата вредност на овој имот е околу 29 милиони евра, информираат од Агенцијата за управување со одземен имот.
Еден дел е остатокот од имотот одземен од Сашо Мијалков во предметот „Империја“, и тој наскоро ќе се најде на продажба, најавија од Агенцијата за одземен имот. Тие очекуваат од имотот, државата да инкасира нешто повеќе од 21 милион евра, што е за девет милиони евра помалку од сумата која Обвинителството ја соопшти кога се спогоди со ексшефот на УБК за ниска затворска казна. Сега, ќе се продаваат становите и гаражните места на Водно, (каде што Мијалков живееше), апартмани во хотелот на Водно, апартмани во Охрид, градежни земјишта и деловен простор.
„Најавуваме за многу брзо време објавување на јавен оглас за продажба останатиот дел од конфискуваниот имот по однос на оваа пресуда и тоа: -20 станови и 8 гаражни места на ул.Славејко Арсов; -2 апартмани во хотел Панорама Резиденс; -2 апартмани во хотел Парк во Охрид; – Градежно земјиште во КО Радња; – Градежно земјиште во Центар; -Градежно земјиште во Богородица; -Деловен простор на ул. 11 Октомври бр 32. Вкупниот проценет недвижен имот изготвен од страна на Министерство за правда-Биро за процени е во износ од 21.450.000 евра, што значи дека вo Буџетот на државата ќе се префрлат најмалку во тој износ“, велат од Агенцијата за одземен имот.
Најголемиот дел од имотот, односно повеќе од 20 стана на истата локација на Водно ќе се продаваат сега, меѓу кои и парцела до хотелот „Мериот“.
Во јули 2022 година, Мијалков призна вина и се спогоди со обвинителката Лиле Стефанова во истрагата „Империја“ за перење пари.
Пред неколку месеци, синот на Сашо Мијалков, Јордан, Бест веј инвесмент, ги купи трите луксузни стана на Водно кои беа одземени од неговиот татко Сашо Мијалков во случајот ,,Империја”. Овој имот се продаде за вкупна цена од 332.276 евра, но новиот сопственик не се откри веднаш.