Ќе има ли казни за фабриката од која истекоа хемикалии во Пинтија?

Во скопската населба Пинтија, вчера попладне беше забележано истекување на непозната црна течност од атмосферската канализација, по што бил пренасочен сообраќајот, а надлежните служби интервенираат на терен.

Од МВР соопштија дека околу 14 часот било пријавено истекување на црна течност на булеварот „Борис Трајковски“, во близина на Пинтија. На терен излегоа надлежните служби кои работат на расчистување и утврдување на причините за инцидентот.

Според информациите од Град Скопје, хемикалијата потекнува од резервоар во објект на приватна компанија за производство на стиропор, лоциран во внатрешноста на населбата. Противпожарни екипи се обидуваат да ја изолираат хаваријата, а инспекторите од Градот веќе изготвиле записник. Засега не е објавено која хемикалија се излеала и колкава е потенцијалната опасност по здравјето на жителите.

Градот информира дека за ваков тип инциденти, предвидена е парична казна од 45.000 евра, затворање на погонот и задолжение за санирање на штетите. Апелираат до Министерството за животна средина и Општина Кисела Вода, под чии надлежности потпаѓа објектот, итно да преземат мерки.

– Со инспекциски извештај за технички преглед на опрема под притисок, било утврдено дека на вентилот има знаци на протекување. Правното лице „Екопор“ не презело мерки за спречување на хаваријата. Апелираме Општина Кисела Вода и Министерството за животна средина да постапат во рамките на своите надлежности и да го санкционираат одговорниот субјект, соопштија од Град Скопје.

Зачлени се на нашиот е-билтен