Ќе има место само за чесните судии, порачува Камбовски

Александар Камбовски е избран за претседател на Судскиот совет со едногласна поддршка, најавувајќи нулта толеранција за судии кои работат под влијание или за лична корист. Во првата изјава, Камбовски подвлече дека чесните судии ќе имаат целосна поддршка, додека оние кои го нарушуваат интегритетот на правосудството ќе бидат отстранети.

„Време е да се ослободиме од малцинството судии кои не работат според Уставот и законите. За сите останати, кои чесно ја извршуваат својата должност, Судскиот совет ќе биде отворен 24 часа,“ изјави Камбовски.

Камбовски избегна да коментира за судијата Енвер Беџети, кој е на „црната листа“ на Стејт департментот, наведувајќи дека постапките се доверливи.

Меѓу првите задачи на Камбовски ќе биде справувањето со најавите за разрешување на членови на Советот избрани од Собранието, вклучувајќи ја и поранешната претседателка Весна Дамева. Камбовски истакна дека очекува Собранието да постапува согласно Уставот и законите.

„Соработката меѓу извршната, законодавната и судската власт е неопходна. Само со меѓусебна поддршка и контрола можеме да го унапредиме правосудниот систем,“ рече Камбовски, подвлекувајќи ја потребата од функционална комуникација.

Новиот претседател ја истакна важноста на поддршката за судиите, нарекувајќи го Советот „куќа на судиите“. Изборот на Камбовски доби јавна поддршка од повеќе членови, кои го истакнаа неговиот интегритет и менаџерски способности.

„Со неговиот кредибилитет и искуство, очекуваме враќање на довербата на граѓаните преку конкретни дела,“ изјави членот Ивица Николовски.

Камбовски, кој претходно беше судија во Апелациониот суд Битола, е дел од Судскиот совет од 2023 година.

Советот се состои од 15 членови, а Камбовски ја презема функцијата еден месец по оставката на Весна Дамева, која ја обвини извршната власт за притисоци и несоработка.

Зачлени се на нашиот е-билтен