Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ќе се намали ли загадувањето? Од февруари ќе можете да изнајмувате електрично возило во три општини

Скопје се уште нема набавено нови автобуси, со денови е во категоријата на најзагадени градови, а денеска по фамозните најави за објава на мерки против загадувањето од страна на Министерствотот за животна средина беше промовирано новиот кар-шеринг систем. Денеска беше потпишано писмо за намери од страна на вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, и министерката за енергетика, Сања Божиновска, со кое се официјализира поддршката за овој проект.

Словенечката „Авант Кар“ ќе вложи во системот за споделување електрични возила, со цел да го намали загадувањето на воздухот, сообраќајниот метеж и да го воведе Скопје во ерата на модерни транспортни решенија. Тест фазата ќе започне во февруари 2024 година, додека комплетната услуга ќе биде достапна од март.

Корисниците ќе можат да ги изнајмат возилата преку мобилна апликација, а наплатата ќе се врши дигитално. Изнајмувањето ќе се пресметува според минути и поминати километри, со очекувани цени пониски од такси услугите. Пример, патување од центарот на градот до аеродромот ќе чини меѓу 10 и 15 евра.

Првите 100 електрични возила ќе бидат подготвени за користење во општините Гази Баба, Аеродром и Чаир, каде што ќе биде поставена инфраструктура за полнење. Полначите ќе користат електрична енергија од обновливи извори, според министерката Божиновска, што ја нагласи посветеноста на проектот кон одржливоста.

„Овој проект покажува дека Македонија е посветена на зелена иднина. Приватниот и јавниот сектор можат заедно да создадат иновативни решенија со трајни резултати,“ изјави Божиновска.

Вицепремиерот Меџити истакна дека проектот е чекор напред за создавање поздрава животна средина во Скопје:

„Ова е почеток на нешто што ќе донесе почисти улици, поздрави граѓани и светла иднина за Скопје. Намалувањето на ЦО2 и загадувањето е приоритет за Министерството за животна средина.“

Компанијата „Авант Кар“, со над 20 години искуство, успешно имплементира кар-шеринг во градови како Љубљана, Дубровник, Загреб и Виена. Нивните иницијативи покажаа значително намалување на сообраќајниот метеж и подобрување на квалитетот на воздухот, поставувајќи пример за зелена мобилност.

Скопје, со овој проект, прави важен чекор кон модернизација и одржлив развој, докажувајќи дека иновациите и одржливоста можат да одат рака под рака.

Зачлени се на нашиот е-билтен